| четврток, 6 декември 2018 |

Хусеин Хакани – човекот што го понижи Пакистан и им помогна на САД да го елиминираат Бин Ладен (Велепредавници во историјата)

Хусеин Хакани е пакистански државник, стручњак за јужна Азија, новинар, академик, политички активисти поранешен амбасадор на Пакистан во Шри Ланка и во САД, но во 2011 година е отповикан од САД поради дипломатски спор меѓу двете земји. Автор е на две книги „Пакистан: Меѓу џамијата и армијата“ и „Величествени илузии: Пакистан, САД и долгата историја на недоразбирање“. Негови анализи биле објавувани во „Волстрит џурнал“, „Њујорк тајмс“, „Форин аферс“ и „Форин полиси“. Тој е актуелен виш научен соработник и директор за Јужна и Централна Азија на Институтот „Хадсон“ во Вашингтон и коуредник на списанието на институтот „Трендови во исламската идеологија“. Во брак е со портпаролката на пакстанскиот претседател Фараназ Испахани

Испреплетена новинарска и политичка кариера

Роден е на 1 јули 1956 година во Карачи. Во родниот град студирал класични исламски студии, но добил и модерно образование во областа на меѓународните односи. Често ја посетувал библиотеката на американскиот конзулат и се запознал со американската историја, но добил и проамерикански погледи.

Хакани ја почнал политичката кариера на Универзитетот во Карачи. Се приклучил на студентското крило Ислами џамилат-е-талаба (една од најголемите и најорганзирани студентски организации во Пакистан, која пропагира ислам) на Џамаат-е-ислами (исламистичка партија во Пакистан, основана во Индија, која се залага за панисламизам и е против отцепувањето на Пакиситан од Индија) и станал претседател на Студентската унија.

Husain-Haqqani-2

Професионално се ангажирал во 1980 година, како дописник на радиото на „Гласот на Америка“. Во овој период тој пишува многу за муслиманите во Кина и во Источна Азија и за исламското политичко движење. Подоцна, како дописник на економски весник од Далечниот Исток пишувал за граѓанската војна во Авганистан и здобил длабоко познавање на целите на џихадот на милитантните исламистички групи. Како новинар-дописник работел до 1988 година, а потоа направил блескава кариера во владата на Пакистан. Работел како советник на тројца пакистански премиери: Гулам Мустафа Џатоја, Наваз Шариф и Беназир Буто. Од 1992 година до 1993 година бил амбасадор во Шри Ланка. Во 1999 година бил протеран во егзил поради критичкиот однос кон владата на тогашниот претседател Первез Мушараф. Од 2004 година до 2008 година предавал меѓународни односи на Бостонскиот универзитет, а во април 2008 година бил назначен за амбасадор на Пакистан во САД, но бил отповикан по инцидентот „Мемогејт“, во кој бил обвинет дека не направил доволно за заштита на интересите на Пакистан. Како проамерикански амбасадор во Вашингтон, Хакани обезбедил визи за голем број американски оперативци да влезат во Пакистан, според инструкциите од Исламабад, со што овозможил да биде убиен Осама бин Ладен. Тој поднесе оставка во 2011 година поради контроверзноста на „Мемогејт“.

Husain-Haqqani-4

Тајниот меморандум и отповикувањето

Околу една недела по нападот на Бин Ладен, Хагани, наводно, побарал од Пакистан, американскиот бизнисмен Мансур Ијаз да им пренесе порака на Американците, по барање на претседателот Зардари, дека пакистанската армија планира да интервенира. Ијаз го открил ова во колумна во „Фајненшл тајмс“ во октомври 2011 година, како и тоа дека пораката е доставена во меморандум без датум и потпис испратен до адмирал Мајкл Мулен, претседателот на здружениот генералштаб на американските воени сили. Подоцна, од меморандумот објавен на прес-конференција, се дознава дека, меѓу другото, авторот зборува за „единствен прозорец на можности“ за цивилната влада да добие превласт поради учеството на војската во аферата „Бин Ладен“. Според Ијаз, војската имала намера да организира државен удар за да го испере срамот од предавството на Бин Ладен, и тој го подготвил меморандумот во соработка со Хакани.

Хакани поднел оставка, но негирал дека го напишал меморандумот. Тој бил повикан во Пакистан и обвинет за велепредавство. Врз основа на петиција Врховниот суд на Пакистан почнал истрага, истрага се водела и во Парламентот на земјата.

Husain-Haqqani-3

Врховниот суд на Пакистан формирал комисија што требало да ги испита обвинувањата против него. Според извештајот на комисијата, кој бил издаден во јуни 2012 година, Хагани беше прогласен за виновен за пишувањето на меморандум со кој се повикува директна интервенција на САД во Пакистан.

Додека траела истрагата на Хагани не му било дозволено да ја напуштат земјата. Тој побарал засолниште во претседателската палата, а подоцна и во резиденцијата на премиерот тврдејќи дека добивал закани од екстремистички групи што го обвинуваат за предавство.

Во јануари 2012 година Врховниот суд на Пакистан му дозволил да ја напушти земјата. Комисијата ја завршила истрагата и во извештајот пишува дека Хакани, навистина, е автор на меморандумот со кој се поткопува безбедноста на земјата, а освен тоа го довел во заблуда Ијаз да поверува дека меморандумот има одобрение од пакистанскиот претседател. Во извештајот на Комисијата пишува дека „Хусеин Хакани не бил лојален на Пакистан“ додека ги пишувал меморандумот. (K.M.)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top