Пред Втората светска војна и во текот на Октомвриската револуција во 1917 година бил социјалист, а по војната се изјаснувал како независен за да ја избегне непопуларноста на комунистите. На премиерското столче во Франција седел вкупно четири мандати, од кои два во текот на Вишиска Франција. По ослободувањето на Франција и падот на нацизмот, Лавал е уапсен и осуден за велепредавство, а и покрај големите протести, погубен е со стрелање. Денес во Франција тој е синоним за велепредавство.
Од пацифист до нацист
Пјер Лавал е роден на 28 јуни 1883 година во скромно семејство во Шателдон. Студирал право во Париз, а од 1907 година работи како адвокат.
По Првата светска војна станал член на Француската секција на работничката интернационала, една од многубројните социјалистички партии во тоа време во Франција. Бил избран за пратеник во париското североисточно предградие Обервил, а во 1923 година станал и негов градоначалник.
Мобилизиран во војната, Лавал се враќа со силен пацифистички став, поддржан од неговите чести контакти со Аристид Бријан, со кого работи на воспоставување добри односи со Германија и со СССР. Но, со изборот за министер брзо се оддалечува од левите политички погледи и во периодот од 1920 година до 1930 година постепено станува десничар.
Во текот на четвртиот премиерски мандат Лавал потпишал пакт Лавал – Мусолини, со кој на Италија ѝ отстапил дел од Либиската Пустина. Освен овој пакт, тој склучил пакт и со Семјуел Хор, пактот Хор – Лавал. Овој пакт го потпишале Лавал, тогашен премиер на Франција и Семјуел Хор, тогашен министер за внатрешни работи на Велика Британија, на 8 декември 1935 година во Париз. Според овој договор Абинисија (Етиопија) требало да ѝ ги отстапи на Италија областите Данакил и Огаден околу реката Тигар, но и да ѝ отстапи поголема зона во јужниот дел на земјата за економска експанзија на Италија и за колонизација. Во замена за тоа Италија требало да ѝ отстапи само тесен појас од Јужна Еритреја со излез на море во градот Асаб. Договорот ѝ бил испратен на Еритреја по дипломатски канал, но таа го отфрлила бидејќи водел кон укинување на нејзината независност.
Освен тоа, содржината им била предадена на медиумите, а поради дипломатскиот скандал Сeмјуел Хор бил принуден да даде оставка, а кабинетот на Пјер Лавал паднал во јануари 1936 година поради зголеменото влијание на Народниот фронт, политички сојуз што ги обединува левите и централните сили (социјалдемократи, комунисти, радикали и др.) како противтежа на десните сили. Оттогаш Лавал станува многу непопуларен кај социјалкомунистите.
Вишискиот режим
Германската окупација на Франција му дава можност на Лавал да се врати на власт во 1940 година. Негова задача било да ја стави во служба на маршалот Филип Петен и на Владата во Виши цела медиумска империја со која располагала Франција во тоа време. На 10 јули 1940 година Лавал го користи своето влијание во националното собрание за да му даде неограничени овластувања на маршалот Петен, а за возврат два дена подоцна овој го назначил за премиер.
Вишискиот режим имал легален авторитет над северниот дел на државата, окупиран од Вермахтот и над јужниот „слободен“ дел на државата, но вишиската влада можела во северниот дел да донесува закони само ако не се коселе со германските. Логично, во јужниот дел режимот бил најделотворен, а таму се наоѓал и главниот град, Виши. Јужната зона била под вишиска управа сѐ до декември 1942 година, кога Хитлер наредил Вермахтот да го окупира јужниот дел, па така цела Франција се нашла под германска окупација, освен мал дел на Алпите, кој бил под власт на нацистичка Италија сѐ до септември 1943 година.
Лавал остварил многу блиски врски со Ото Абец, германски пратеник во Франција, и на 22 октомври остварил средба со Адолф Хитлер, кому му предложил тесна соработка меѓу двете држави.
Од јули до декември 1940 година Лавал ги надминува овластувањата на Петел и води активна колаборациска политика за сојуз со Германија. Министрите од неговиот кабинет се загрижени поради плановите на Лавал и на 13 декември 1940 година Петел го разрешува и за премиер го назначува Франсоа Дарлан.
Лавал бил уапсен, но германскиот пратеник Ото Абец испраќа војници да го ослободат и да го одведат во Париз, каде што живее под заштита на германската армија.
Разрешувањето не го спречило Лавал да продолжи да учествува во јавниот и во политичкиот живот.
Во април 1942 година, под притисок на Германците, Лавал е назначен за премиер во режимот на Петел. Верувајќи во победата на нацистичка Германија, тој уште повеќе ја засилил колаборационистичката политика со окупаторите.
Во мај истата година издал наредба полицијата да ги задржи француските Евреи и да ги депортира. Во јуни решава да формира служба за задолжителна работа, преку која најдобрите работници ги испраќал во Германија разменувајќи ги за француски воени затвореници. Во септември го овластува Гестапо да ги гони француските партизани.
Во јануари 1943 година Лавал формирал француска милиција – политичка полиција под раководство на Жозеф Дарнан. За шест месеци милицијата уапсила 35 илјади луѓе и играла важна улога во прогонот на Евреи и на партизани, кои биле мачени и убивани или испраќани во концентрациски логори. Истата година им го предал Леон Блум на нацистите.
Во јуни 1944 година, за време на десантот на Нормандија, Лавал го префрлил седиштето прво во Белфор, а потоа во Сигмаринген, Германија. Таму била воспоставена влада во егзил, на чиешто чело бил Фернанд де Бринон. Во мај следната година избегал во Шпанија, но бил уапсен во Барселона на барање на генералот Де Гол.
Францускиот трибунал го осудил на смрт со бесење. Бил обесен на 15 октомври во затворот Френ, во близина на Париз, во полусознание бидејќи имал се обидел да се самоубие испивајќи капсула со цијанид. (K.M.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Историјата поделена – Димитриос Гунарис предавник или жртвено јагне (Велепредавници во историјата)
-
Хусеин Хакани – човекот што го понижи Пакистан и им помогна на САД да го елиминираат Бин Ладен (Велепредавници во историјата)
-
За три месеци во САД го сменил мислењето за татковината – Мордехај Вануну (Велепредавници во историјата)
-
Обвинет, па рехабилитиран – Ја предаде ли Вернер Теске поствоена Германија? (Велепредавници во историјата)