Се посомневал во верата, а потоа и во државата
Мордехај Вануну, роден на 14 октомври 1954 година во Маракеш, Мароко, син на рабин, го примил христијанството на едно патување во Австралија во 1986 година.
Вануну работел како техничар во нуклеарниот центар во Димона од ноември 1976 година до октомври 1985 година.
Во 1976 година Вануну аплицирал за работа во Центарот за нуклеарни истражувања во Негев, израелски објект кој се користел за развивање и производство на нуклеарно оружје во пустината Негев на југот на областа Димона. Повеќето светски разузнавачки агенции проценувале во тој момент дека Израел развива нуклеарно оружје уште од почетокот на 60-тите години, но Израел одржувал „нуклеарна двосмисленост“, без да потврди или да демантира дека поседува нуклеарно оружје. Вануну се јавил на оглас за практикант-техничар.
Во 1979 година се запишал на Универзитетот „Бен-Гурион“ во Негев. Прво сакал да студира инженерство, но се префрлил на економија и грчка филозофија. Есента 1980 година заминал на патување низ Европа: Лондон, Амстердам, Германија и Скандинавија, а ја посетил и Грција. Во текот на летото на 1983 година три месеци поминал во САД и во Канада.
Ова патување го променило неговиот светоглед, особено му ги променило погледите на Израел и владината политика. Во март 1984 година ја формирал левичарската група „Кампус“ со пет арапски и четири еврејски студенти. Вануну, исто така, бил активист во групата „Движење за унапредување на мирот“. Гласно се спротивставувал на Либанската војна од 1982 година.
Во неговото досие безбедносните служби на Центарот за нуклеарни истражувања забележале дека покажува „левичарски и проарапски убедувања“ и бил под надзор и службите често вршеле информативни разговори со него.
Во почетокот на 1985 година Вануну ја загубил работата по масовните отпуштања на работниците поради рестрикциите на владата, но синдикатот во кој членувал успеал да го врати на работа во Центарот. Ова се покажало како добра пригода Вануну да шверцува материјали во камера и на тој начин да укради 57 тајни документи.
На 27 октомври 1985 година дал отказ како резултат на постојаните напори на претпоставените да биде префрлен на задачи што се помалку чувствителни.
Киднапирање и тајно судење
Во јануари 1986 година го напуштил Израел и се сретнал со новинарот Питер Хоунам од „Сандеј тајмс“, кому му открил детали за израелската нуклеарна програма. Пет дена пред да биде објавен текстот, Вануну исчезнал. Подоцна се покажало дека агенти на Мосад го киднапирале и го одвеле во Италија, каде што бил дрогиран и измачуван, а потоа со брод бил префрлен во Израел. Во земјата на која ѝ служел во судскиот процес кој се одржал зад затворени врати бил осуден за велепредавство, шпионажа и собирање тајни информации со цел да ѝ наштети на безбедноста на државата.
Во март 1988 година е осуден на 18 години затвор, од кои повеќе од 11 години ги поминал во самица.Бил ослободен во 2004 година под услов да не го напушта Израел, да не се доближува до странските амбасади, ниту, пак, да контактира со странски новинари. Оттогаш бил апсен неколкупати за прекршување на овие ограничувања, поради давање интервјуа за странски новинари. Тој изјавил дека претрпел „суров и варварски третман“ во рацете на израелските власти додека бил затворен и сугерирал дека неговиот третман би бил поинаков доколку тој бил Евреин.
Во 2007 година, Вануну бил осуден на шест месеци затвор поради кршење на условите при неговото условно ослободување. Во одговор на тоа, „Амнести интернешнел“ издал соопштение за медиумите на 2 јули 2007 година, во кое наведува дека Организацијата смета дека Мордехај Вануну е затвореник на совеста и повикува итно и безусловно ослободување. Во мај 2010 година, Вануну бил уапсен и осуден до три месеци затвор под сомнение дека се состанал со странски државјани.
На 15 април 2015 година, Архивата за национална безбедност од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ објави документи кои ги потврдиле изјавите на Вануну во врска со нуклеарни истражувања на центарот „Димона Негев“.
Награди и признанија
Вануну бил номиниран за Нобелова награда за мир во 1987 година. Во март 2009 година упатил писмо до Комитетот за Нобелова награда во Осло, во кое, меѓу другото, напишал: „Го молам Комитетот да го тргне моето име од листата за овогодишните номинации. Не можам да бидам дел од листа на лауреати меѓу кои е и Шимон Перез, претседателот на Израел. Тој е човекот кој стои зад израелската атомска политика. Перез ја воспостави и ја развива програмата за атомско оружје во Димона во Израел. Тој е човекот кој нареди да ме киднапираат во Рим, тајно да ме осудат за шпион и предавник и 18 години да минам во изолација во затвор во Израел. Тој продолжува да се противи на мојата слобода и ослободување иако ја отслужив целосната казна од 18 години. Од сите овие причини јас не сакам да бидам номиниран и нема да ја прифатам номинацијата.
Велам НЕ на која било номинација сѐ додека не сум слободен, односно сѐ додека сум принуден да не го напуштам Израел. Она што сакам е СЛОБОДА И САМО слобода“. (K.M.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.