Вернер Зигфрид Теске е роден на 24 април 1942 година во Берлин, а како студент на Универзитетот „Хумболт“ бил регрутиран од страна на Министерството за државна безбедност да работи во одделението за научна шпионажа во западните земји. Откако докторирал економија, станал одговорен за економска шпионажа за Главната управа за разузнавање на Демократска Република Германија.
Од средината на 70-тите години на минатиот век, Теске почнал да се сомнева во политичкиот систем на Демократска Република Германија и во својата работа. Почнал да размислува да се префрли во Федеративна Република Германија (Западна Германија) и со години се подготвувал да ја премине границата. Секако, за полесно да влезе планирал и да искористи некои од информациите што ги имал прибрано во текот на шпионската кариера во Штази, па почнал да ги складира дома. Откако се појавиле мали „неправилности“ во неговата работа, Министерството почнало да го следи. По пребегнувањето од ДРГ во ФРГ на офицерот за државна безбедност Вернер Штилер во 1979 година, биле значително затегнати мерките на внатрешна безбедност во источна Германија. Теске бил испитуван и претресуван. Документите со чувствителна содржина во неговиот сеф ги чувал во толкаво безредие што било невозможно истражителите да спроведат сметководствена истрага и да ги испитаат. Наместо тоа, биле пронајдени неправилности во трансферот на пари кои им биле префрлани на информаторите.
Подоцна било откриено дека извршил проневера на средства во износ од 20.244,50 ДМ и 21.478 ГДР марки. Под лажен изговор на 4 септември 1980 година Теске бил однесен во таен објект на Министерството за државна безбедност. Една седмица се вршела внатрешна истрага, а во меѓувреме бил извршен претрес во станот на Теске и биле пронајдени украдените документи, во неверојатно голем обем. На последниот ден од внатрешната контрола, на 11 септември, Теске признал дека во 1978 година планирал да пребега во Федеративна Република Германија.
Судење и смрт
Теске бил изведен пред Првиот воен кривичен оддел на Врховниот суд на Демократска Република Германија и на затворено судење бил обвинет за шпионажа и дезертерство. Не помогнале аргументите на одбраната дека пребегнувањето никогаш не било реализирано и дека чувствителни информации пристигнале до Запад, и Теске бил осуден на смрт во 1981 година. Висината на неговата казна е последица на лошото искуство со друг висок офицер на Штази, Вернер Стилер, кој две години претходно успеал да пребегне во Западна Германија и да пренесе високочувствителни информации.
Откако судот одбил да го помилува, Теске бил префрлен во притвор во Лајпциг, каде што му била изречена смртна казна и бил погубен.
Извршувањето го спровел Херман Лоренц со истрел во задниот дел од главата со полуавтоматски пиштол во подрумот на затворот на улицата „Алфред Кестнер“ во Лајпциг. Телото на Теске било кремирано на Јужните гробишта во Лајпциг.
Информациите за смртната казна на Теске биле класифицирани. Ниту најблиските роднини на затвореникот не добиле некакви информации за неговата егзекуција. На пример, сопругата на Теске, Сабина, не знаела дека е вдовица до повторното обединување на Германија во 1990 година. Дотогаш таа си мислела дека нејзиниот сопруг е некаде во притвор.
Казната против Вернер Теске била укината во 1993 година, во согласност со принципите на владеење на правото. Воен судија и еден воен обвинител во случајот во 1998 година биле осудени на четири години затвор за искривување на правдата. Оваа пресуда се оправдува со фактот дека првичната одлука била непропорционална дури и според законите на Источна Германија бидејќи, иако планирал, никогаш не ги извршил кривичните дела за кои бил осуден и погубен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Историјата поделена – Димитриос Гунарис предавник или жртвено јагне (Велепредавници во историјата)
-
Хусеин Хакани – човекот што го понижи Пакистан и им помогна на САД да го елиминираат Бин Ладен (Велепредавници во историјата)
-
За три месеци во САД го сменил мислењето за татковината – Мордехај Вануну (Велепредавници во историјата)
-
Раце натопени со француска крв – Пјер Лавал, велепредавникот на Франција (Велепредавници во историјата)