Пред 70 години, тогашната СФРЈ купила луксузен апартман во Менхетн, Њујорк по цена од 300.000 долари.
Овој стан служел како дипломатско-конзуларно преставништво, а во поново време како седиште на постојаната мисија на Србија во ОН.
Како минувале годините, станот станувал се понеисплатлив. Со поделбата на имотот на поранешна СФРЈ, грижата за станот и припаднала на Србија која месечно издвојува 15.000 долари за негово одржување.
После многу години, земјите-наследнички деновиве постигнаа договор за продажба на ова парче недвижен имот, како и неколку актуелни дипломатско-конзуларни претставништва во Бон, Берн и Токио.
Апартманот на Петта авенија во Њујорк е дело на истиот архитект кој ја проектирал познатата Гранд Центарл Стејшн во Њујорк. Станот има шест спални соби, а се проценува на 20-тина милиони долари.
На прв поглед, можеби цената делува висока, но во неа се вклучени и скапоцениот стилски мебел, уметнички дела, како и прозорци отпорни на куршуми.
Според информациите од сајтот на агенцијата за недвижнини Даглас Елиман, засега има шест понуди, а американските медиуми шпекулираат дека меѓу заинтересираните купци се и легендарните актери Роберт де Ниро и Џек Николсон.
Тристан Харпер од агенцијата за недвижнини, тој што ќе го купи апартманот ќе добие „дел од историјата на Њујорк и на светот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.