| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје го декласираше Карпош Соколи за прво место во супер-лигата пред полуфиналето

mzt skopje 1

МЗТ Скопје дефинитивно ќе ја заврши Супер-лигата како првопласиран тим на табелата, откако актуелниот првак во денешното дерби го декласираше составот на Карпош соколи со убедливи . „Соколите“ во претходните три средби сезонава многу посериозно им се спротивставија на „штрковите“ од Аеродром, но гостите овојпат делуваа очајно, немаа решение ниту во нападот, ниту во одбраната, па убедливиот пораз беше неизбежен.

МЗТ го диктираше темпото од самиот почеток, па по само неколку минути игра „сино-белите“ поведоа со 12-4, најмногу благодарение на Ѓорѓе Дреновац и неговите осум поени. Во продолжението од четвртината во ритам влезе и Јуре Лалиќ, кој нанижа 11 поени, па „металците“ сосема заслужено го добија овој дел од натпреварот со 28-17. Карпош соколи заигра подобро во одбраната на стартот од втората четвртина, шутот веќе не ги служеше домаќините како во првиот период, па гостите успеаја да намалат на 35-32. При овој резултат Мавра промаши тројка за израмнување, за веднаш потоа МЗТ повторно да влезе во ритам.

mzt skopje

Актуелните шампиони многу подобро го завршија полувремето, на одмор заминаа со 42-33, што беше само најава за уште поимпресивна игра на МЗТ Скопје во третата четвртина. „Металците“ делуваа фуриозно во овој дел од мечот, а „соколите“ загубија глава, па така на Лабовиќ му беше досудена намерна лична поради груб удар врз Лалиќ (при 55-37) додека гостите од Карпош беа во напад, а потоа и Бојан Трајковски поради бурни реакции кон судиите доби техничка грешка, прерано завршувајќи ја оваа средба.

Последната четвртина беше само рутина за избраниците на Анте Назор, кои со неколку атрактивни потези само ставија печат на заслужената победа од 83-61 над тимот што треба да им претставува главен ривал и во плејофот.

Тејмс со 20 поени беше прв стрелец на МЗТ Скопје, Дреновац и Лалиќ постигнаа по 17 поени, додека Клоф го заврши мечот со 13 поени, 7 скока и 7 асистенции. Во редовите на Карпош соколи најефикасни беа Пери со 16 и Лабовиќ со 13 поени.

Во останатите два натпревари од претпоследното коло на Супер-лигата, Работнички без поголеми проблеми славеше на гостувањето во Гевгелија кај Кожув со 82-75, а Куманово на домашен терен го победи Фени со 71-65 во борбата за последното место во плејофот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top