| четврток, 6 декември 2018 |

Заради кокошка му ја скршил ногата

Кратовчанец му ја скршил ногата на свој сограѓанин оти тој во близина на неговата куќа си ја барал кокошката која му се изгубила. За нанесената тешка телесна повреда, Г.П. од Кратово е осуден на условна затворска казна во траење од една година, која нема да се изврши ако обвинетиот за период од 2 (две) години не стори ново кривично дело. Покрај затворската казна, Г.П. се задолжува на оштетениот И.А. на кого му ја скршил ногата да му ги надомести трошоците во постапката во износ од 11.800,00 денари во рок од 15 дена по правосилност на пресудата, а воедно нападнатиот за отштетно побарување за нанесената повреда е упатен да го бара во граѓански спор.

Како што е наведено во пресудата, Г.П. делото за коешто е осуден го сторил на 5 ноември, лани, во попладневните часови.
И.А., како што стои во пресудата, во попладневните часови тргнал да ги прибере кокошките и да ги затвори, но забележал дека една кокошка ја нема. Па отишол да ја побара кокошката кај куќа која била четврта по ред и таму имало дечиња, па се посомневал дека тие си играат со неа. Кога отишол таму, видел дека металната врата била затворена и дека немало никој, па решил да се врати. Во тој момент при враќањето од зад вратата излегол Г.П. и веднаш без предупредување го фатил со рацете за градите, за облеката и доколку го турнел од скалите немало да остане жив, а потоа му се обратил со зборовите: “Толку е со твојот живот”, а потоа почнал да го мава со тупаници по главата. Нападнатиот почнал да вика и да бара помош, по што Г.П. го фатил со двете раце и почнал да го турка, да го влече и да го подигнува и на тој начин го префрлил преку асфалтот до куќата каде што имало бетон и сакал да го фрли на бетонот за да удри на глава. Меѓутоа, кога го фрлил И.А. успеал некако да се сврти и удрил на бетонот на десната нога и ја скршил коската, па продолжил да вика колку што го држи гласот, а разбеснетиот сосед му велел “Ќути толку е твојот животт, и почнал да му ја затвора устата со рака, започнал да го клоца и да го удира со тупаници во пределот на слабината. Во тој момент дошла една од сосетките и почнала да вика за да го пушти, по што тој го оставил и заминал, а потоа пристигнале и останатите соседи кои го пренеле во неговиот дом. Потоа, соседите пријавиле во полиција и повредениот бил пренесен во болница каде што врз него бил извршен и хируршки зафат.
Во текот на судењето Г.А. одрекувал дека го нападнал својот сосед кој си ја барал кокошката и тврдел дека дента кога се случил настанот бил отсутен од својот дом. Но, наспроти неговата изјава, сведоците изјавиле дека виделе како тој го тепа И.А. и дека тие ја повикале полицијата.

 

извор: Аберџија ком

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top