| четврток, 6 декември 2018 |

Наградениот политички трилер „Магионичар“ напишан според вистински настани

Иако описот може да изгледа како политички трилер, ова е нешто повеќе. Многу од ликовите во овој роман се вистинити. А некои од нив ја прочитале и книгата

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Магионичар“ од полско-германската писателка Магдалена Парис. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2015 година. Преводот на македонски е на Милица Миркуловска.

Во една напуштена зграда во Берлин полицијата пронаоѓа унакажан труп на вработен во Архивата на поранешната Штази. Во исто време, во Софија, Бугарија, под мистериозни околности е убиен германскиот новинар и фоторепортер Герхард Замуел. Истрагата ја преземаат Државната полиција и специјалните служби. Наскоро станува јасно дека единствена нивна цел е да го прикријат случајот и да ги „неутрализираат“ недоверливите.

Инспекторот Ковалски е тргнат од истрагата и предвремено суспендиран од полицијата поради алкохолизам и непослушност. Но тој ќе продолжи да ја бара вистината, помогнат од посвоената ќерка на Замуел, познатата ТВ-новинарка Дагмара Бош. Тие откриваат дека убиените прибирале материјали за темното минато на водечките политичари во обединета Германија и за нивната вклученост во операцијата „Магионичар“. Станува збор за операција во која Штази, во соработка со бугарските граничари, наредувала убиства на граѓани од Источна Германија што патувале преку Бугарија во времето на Железната завеса.

Иако описот може да изгледа како политички трилер, ова е нешто повеќе. Многу од ликовите во овој роман се вистинити. А некои од нив ја прочитале и книгата.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Магдалена Парис (1971) е полско-германска писателка. Родена е во Полска. На 13-годишна возраст емигрира во Германија со своето семејство. Студирала полонистика со педагогија на Хумболтовиот универзитет во Берлин. Пишува проза и поезија, а се занимава и со превод. Основала двојазично книжевно списание. Авторка е на два романа.

Милица Миркуловска (1965) е редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и преведувач од полски на македонски јазик од 1989 година, почнувајќи од телевизиски серии, есеи, стручни и научни статии, фрагменти од полски книжевни дела во одделни списанија. Има преведено 4 научни монографии (лингвистика и етнологија) и 10 дела од постарата и поновата генерација полски автори, меѓу кои и двајцата нобеловци Х. Сјенкјевич и Ч. Милош, како и С. Лем, Ј. Пилх, А. Сташук, А. Тушињска, К. Варга, М. Парис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top