| четврток, 6 декември 2018 |

Како пред 80 години се роди најпознатата слика на Пикасо „Герника“

Изложбата е со наслов „Сожалување и ужас: Патот на Пикасо кон „Герника“ содржи 180 експонати од колекцијата на Музејот на кралицата Софија и од уште 30 институти низ светот

Во мај годинава најпознатата слика на Пабло Пикасо, „Герника“ слави 80 години. По тој повод Музејот на кралицата Софија во Мадрид отвори голема изложба, која навлегува во мрачните делови на опусот на Пикасо пред, но и по настанувањето на ова ремек-дело и се обидува да расветли како настанала една од најпознатите слики во светот.

Изложбата е со наслов „Сожалување и ужас: Патот на Пикасо кон „Герника“ и содржи 180 експонати од колекцијата на Музејот на кралицата Софија и од уште 30 институти низ светот.
Уметничкото патување низ ужасот, паниката и стравот, кое кулминира во „Герника“, е универзален крик на Пикасо против пустошот на војната.

pikaso-gernika-2

– Не постои ниту едно друго уметничко дело од 20 век што произвело толку многу коментари и интерпретации како „Герника“ – изјави Мануел Борха-Виљел, директор на Музејот во Мадрид.

Приказот на бомбардирање на едно мало место во областа Баскија, Герника, кое се случило на 26 април 1937 година за време на Шпанската граѓанска војна, се состои од стаписани, речиси вкочанети лица на жени, деца и на животни, кои се во агонија. Оттогаш „Герника“ е моќен апел за мир на многубројни антивоени протести низ светот.

Во чест на 80-годишнината кустосите решиле да навлезат во работата на Пикасо од средината на 20-тите години на минатиот век, кога уметникот се свртел кон најмрачниот стил, што, можеби, било и задоцнета реакција на ужасите на Првата светска војна и на турбуленциите во неговиот приватен живот.

– Ужас, насилство, страв, паника, смрт – тоа се темите на Пикасо. Тој од 1925 година почнал да се соочува со реалноста што ја донела Првата светска војна. Оттогаш, повеќе или помалку, неговите дела предизвикуваат исто чувство на празнина и на скепса за напредокот – изјави британскиот историчар на уметноста Тимоти Џејмс Кларк, еден од кустосите.

И во 1930 година во Европа ситуацијата била нестабилна, а потоа следувале Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна.

На изложбата е и сликата „Трите танчарки“ од 1925 година, на која се насликани три силуети вклучени во смртоносен, манијакален танц. Таа претставува момент кога уметноста на Пикасо тргнува во мрачен и насилен стил, објаснува Кларк.

Во раниот период на создавањето, во времето на кубизмот, Пикасо сликал познати предмети и луѓе: гитари, шишиња пијалак, чинии со овошје. Но, „Трите танчарки“ укажуваат на бран на дивјаштво, темнина, поделеност на светот, пишува во водичот за изложбата во Мадрид.

– Силуетите во агонија ги заменија шишињата со пијалак и гитарите. Не треба многу за да се забележи дека во неговите слики се населиле вознемирени лица. Тоа се гледа и во сликата „Фигури на море“ од 1931 година, која прикажува една распарчен двојка, која се прегрнува, со шпицести јазици што им излегуваат од устите. Тие јазици подоцна ќе се најдат и на „Герника“ – пишува понатаму.

На изложбата има и скици на жени со мртви бебиња, луѓе на кои место солзи им тече крв, кои Пикасо ги направил пред да ја наслика „Герника“ во мај 1937 година.

– Сакавме да размислуваме за ставовите, грижите, можеби дури и за фантазиите и за опсесиите, како и за неотплетканите јазли во неговата психа за време на создавањето на „Герника“ – истакнува Кларк.

„Герника“ е ахроматски мурал висок три и пол метри и долг речиси осум метри, работен во кубистички стил. Тоа е антивоениот манифест на Пикасо.

Се раскажува дека за време на Втората светска војна еден германки офицер во Париз го посетил Пикасо во неговото ателје. Кога ја видел фотографијата на „Герника“ офицерот прашал: „Дали е ова Ваше дело?“. Пикасо на тоа одговорил: „Не, Ваше е“.

И навистина било така.

Во Шпанија речиси една година беснеела граѓанската војна меѓу шпанските фашисти предводени од генералот Франко и републиканците. Хитлер славел роденден на 20 април 1937 година. Министерот Херман Геринг се досетил да му подари бомбардирање на историскиот град во Баскија, Герника. Но, се случил логистички проблем, кој го осуетил неговиот план и бомбардирањето било одложено за шест дена. Така, Хитлер роденденскиот подарок го добил на 26 април.

Пикасо ја насликал „Герника“ по нарачка на тогашната актуелна влада на Шпанија за една изложба во Париз 1937 година. Од почеток не бил сигурен што ќе наслика, а Герника се наметнала сама по себе, како логичен избор – инстиктивен, директен уметнички одговор на ужасите од војната. Хуан Лареа, директор за информирање во амбасадата во Шпанија, задолжен за подготовка на шпанскиот павилјон се досетил дека настанот во Герника може да ја поттикне инспирацијата на Пикасо. Кога Пикасо рекол дека не знае како изгледа град уништен од бомби, Лареа му одговорил: „Како подивен бик во продавница за стакло“.

pikaso-gernika-3

Симболите на „Герника“ се во некаква чудна врска со славната Дора Мар, „сенката на Пикасо“. Автентичноста на Дора, нејзината хиперсензитивност и сензуалност станале инспирација за Пикасо. За време на нивната бурна љубовна врска, која траела од 1936 година до 1943 година Пикасо насликал десетина портрети на Дора. Таа била единствениот фотограф што успеал да го забележи создавањето на „Герника“ од почеток до крај. Во едно интервју Дора раскажува дека не само што го документирала создавањето на „Герника“ туку и учествувала во него. Кога организаторите побарале фотографија од платното за во весник, сликата уште не била готова. Пикасо ѝ ја дал четката на Дора. Таа ги насликала кратките вертикални потези што ги издвојуваат нозете и трупот на коњот. Пикасо ѝ кажал дека коњот што умира претставува болка и смрт и упатува на коњите од Апокалипсата. Дора, исто така, во интервјуто раскажува дека таа била инспирација за жената во пламен, горе десно и за долгоногата жена во предниот план на „Герника“.

Дора ги фотографирала сите важни промени во развојот на „Герника“. Пикасо го завршил платното за 35 дена. Дора била задолжена за дочекување на многубројните посетители, кои Пикасо морал да ги прими. Иако никогаш не сакал непознати да го гледаат додека слика, Пикасо сметал дека сега мора да ги прими и на оваа слика да ѝ даде колку што е можно поголем публицитет и да ја поддржи антифашистичката борба. Затоа примал сликари, влијателни политичари и познати авангардни уметници.

„Герника“ го направи најславен модерен уметник кого младите го сакале толку многу колку што фашистите го мразеле. На големата изложба во Париз на која доминирале дела на нацистичка и со советска пропаганда, „Герника“ била единствената што се одвојувала од таа соцреалистичка поставка. (A.М.Б.)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top