Скопје е обоено во „црвено-црна“ боја, а Вардар има ден за паметење, за историја, со две круни, осма и за фудбалерите и за ракометарите. По фудбалскиот триумф над Турново со 5-0, вечерва и ракометарите славеа слатка победа над лутиот ривал Металург со 22-19 и му ја прекинаа тригодишната доминација.
„Штро да кажам, пресреќен сум. Му благодарам на Металург што ни го отвори патот кон директно учество во Лигата на шампионите, а се надевам дека ова дерби, најголемо на Балканот ќе продолжи уште многу години“, изјави веднаш по триумфот Столе, Стоилов, пикерот на Вардар. Тој беше одличен, но епитетот јунак на големото финале оди на сметка на извонредниот голман Страхиња Милиќ. Тој правеше чуда на голот на Вардар, буквално ги откажа ракометарите на противникот, а на моменти неговите одбрани се граничеа со невозможна мисија. Милиќ нанижа 11 одбрани, фати и три седмерци и е најзаслужен за осмата титула на „црвено-црните“. Вардар беше подобар ривал, против десеткуваниот Металург, играше поорганизирано и во нападот и во одбраната и заслужено се радува на пехарот.
Мечот го расипа непотребниот инцидент во финишот на првото полувреме, кога настана мешаница и бркотница низ теренот, а учествуваа буквално сите ракометари. За среќа тензиите не прераснаа во поголем инцидент, а најдебелиот крај го извлекоа највоинствените во двата табори. Исклучени беа Абутовиќ кај Вардар и Миркуловски во составот на Металург. На трибините мораше да оди и тренерот на домаќините Веселин Вујовиќ. Тој дополнително создаде тензија, расправајќи се со судиите, но на крајот мораше да си замине од клупата.
Вардар со титулата си обезбеди настап директно во фазата по групи во Лигата на шампионите, а претставниците на ракометната федерација на Македонија ќе се обидат да се изборат за уште едно место кое води во квалификациите за еминентното натпреварување, со што и Металург би имал шанса да му се приклучи на Вардар во елитата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



