| четврток, 6 декември 2018 |

„За заедничка Македонија“ маршираше во Неготино: Неприфатлив е обидот во Македонија да се всади антиуставна и велепредавничка платформа

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва организираше протестен марш во Неготино. Пред присутните се обрати Анастасија Стојановска, дипломиран правник и вработена во Неготинскиот музеј. – Протестите продолжуваат заради зачувување на унитарноста на Република Македонија и за отфрлање на тиранската платформа со која сакаат да ни го уништат нашиот идентитет кој се докажува со богатите археолошки наоди и со остатоци од материјалната култура кои ги има ширум цела територијата на Република Македонија, рече Стојановска.

Ние, посочи, имаме материјални остатоци од македонската држава и од македонските владетели, кулминирајќи со Александар Македонски, имаме монети со ликот на македонски владетели кои се изложени и можат да се видат во музеите низ Македонија.
Потенцира дека со тиранската платформа се сака да се уништи македонскиот јазик.

– Не може да бидат двата јазика рамноправни, затоа што се знае дека во унитарна држава како Република Македонија, имаме само еден службен јазик. Тој службен јазик е македонскиот, се врзува со македонската држава и се врзува со македонскиот идентитет, но и со
унитарниот карактер на државата, рече Стојановска.

Таа нагласи дека не постои ниту една држава во светот којашто има унитарен републикански карактер, а каде што два службени јазика се во употреба, односно каде што има два официјални јазика на цела територија на државата.

– Не постои таков пример. Затоа што јазикот е еден елемент којшто е дел од државотворниот карактер на државата, дел од идентитетот, но и од клучните столбови врз кои се заснова една држава, додаде Стојановска.

Таа рече дека станува збор за платформа која е „подготвена во друга држава и пост-изборно ампутирана во процесот на формирање ново парламентарно мнозинство“.

-Оваа платформа не е гласана од граѓаните на Република Македонија што претставува флагрантно кршење на Уставот и целосна дискредитација на изборната волја на граѓаните.Неприфатлив е обидот во Македонија да се всади антиуставна и велепредавничка платформа создадена во друга држава, а зад која што стојат институции на други држави и скриени фактори, подвлече Стојановска.

Посочи дека целосно е неприфатливо однесувањето на официјалните претставници на ЕУ кои, како што додаде, решиле да замижат пред флагрантните повреди на правото на ЕУ и на европските принципи на добрососедска политика и владеење на правото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top