| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје е неприкосновен на врвот, падна и Кожув

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја забележаа и седмата победа во исто толку натпревари во Суперлигата, откако во СЦ „Јане Сандански“ славеа над Кожув со 79:75.

Првата четвртина ја доби МЗТ со минимални 16:14, а на полувреме тимот на Анте Назор замина со предност од седум поени (37:30). Во третиот период Кожув влезе во добар шутерски ритам и последните десет минути ги стартуваше со четири поени негатива.

На една минута пред крајот, Кожув стигна на три поени заостанување (76:73), Темс не успеа да погоди тројка на спротивната страна, но и Ѓурасовиќ не погоди од линијата за три поени, што беше шанса за гостите да израмнат. Бојан Крстевски на четири секунди пред крајот намали на 77:75, но триумфот му припадна на МЗТ Скопје, откако Ксавиер Темс реализира две слободни фрлања.

„Металците“ потешко од очекуваното запишаа нова победа со која остануваат на врвот во најквалитетната македонска лига. Гостите во текот на целиот натпревар не му дозволија на шампионот резултатски да се одлепи, па на крајот го забележа и петиот пораз во Суперлигата.

Најефикасни во победничкиот состав беа Темс и Симоновски со по 15 поени, додека на спротивната страна Мијовиќ уфрли 17, додека Крстевски го заврши натпреварот со 16 коша.

Вториот натпревар од ова коло ќе се одигра утре од 18 часот, а во него силите ќе ги одмерат екипата на Карпош соколи и Фени индустри. Седмото коло ќе биде заокружено со мечот меѓу Куманово и Работнички, дуел кој ќе стартува в сабота од 17 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top