| четврток, 6 декември 2018 |

Априлските изведби на мјузиклот „Тајно моја“ со хуманитарен карактер

Тоше Проески во текот на целиот свој живот и кариера ја воодушевуваше публиката со својот глас, но и со своето огромно срце и хуманост, постојано помагајќи и носејќи им радост на сите оние на кои што им е најпотребна. Во негова чест, и во име на хуманоста што го красеше, Македонската опера и балет овој месец ги отвора своите врати, овозможувајќи им на одредени категории на граѓани бесплатно да уживаат во изведбите на мјузиклот „Тајно моја“. Имено, можност да присуствуваат на претставите ќе имаат децата од Заводот за деца со оштетен вид (19 април), учениците од две основни училишта од Крушево, родното место на Тоше (20 април), додека последната претстава на 21 април ќе ја погледнат учениците од Средното музичко училиште во Битола, местото каде што Тоше ги помина своите средношколски денови и ги направи првите чекори во музичката кариера. Сите тие, покрај тоа што ќе уживаат во музичко-сценскиот спектакл „Тајно моја“, ќе имаат можност и одблиску да се запознаат и да се дружат со актерите и пејачите од мјузиклот.

На овој начин, мјузиклот „Тајно моја“ добива и хуманитарна димензија, а Македонската опера и балет со овој чекор ја продолжува мисијата што беше идеја-водилка на Тоше во текот на целиот негов живот, и продолжува да го слави споменот на него.  

Македонската опера и балет во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ го поставува мјузиклот „Тајно моја“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, на десетгодишнината од неговата прерана и трагична смрт. Мјузиклот ја следи приказната на модерните македонски „Ромео и Јулија“. Време кога љубовта ги милува и освојува срцата преку нотите и стиховите на Тоше Проески, време кога се прашуваме дали љубовта и музиката се доволно моќни за да го спасат светот. Другарството, пакоста, алчноста, осаменоста, желбата за успех, стравот, а најмногу надежта и љубовта се теми кои провејуваат во ова музичко-сценско дело базирано на голем број музички хитови на Проески, „оплеменети“ во нови оркестарски аранжмани на Сони Петровски и Кокан Димушевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top