| четврток, 6 декември 2018 |

Балканска турнеја на мјузиклот „Тајно моја“ и две хуманитарни изведби на „Мајски оперски вечери“

По огромниот успех на „Тајно моја“ на македонската сцена, мјузиклот што успеа да ги разбранува срцата на сите, онака како што Тоше Проески тоа го правеше со својата музика, во октомври оваа година ќе реализира мини-турнеја, гостувајќи во неколку земји од просторите на поранешна Југославија. Закажани се изведби во арените во Белград, Загреб и Љубљана, а на претставите специјални гости на македонската уметничка екипа ќе бидат ѕвездите Тони Цетински, Антонија Шола, Нина Бадриќ, Јелена Томашевиќ, Аки Рахимовски и Самуел Лукас, пејачи со кои Тоше во текот на својата кариера оствари прекрасни музички соработки, а кои беа и негови многу добри пријатели.   

Пред закажаните претстави во Србија, Хрватска и Словенија, мјузиклот „Тајно моја“ е дел од програмата и на годинашните „Мајски оперски вечери“ на 16 и 17 мај, а во чест на Тоше Проески и на хуманоста што го красеше, Македонската опера и балет и овој пат се вклучува во хуманитарна акција со цел да им помогне на оние на кои што им е најпотребна помош. Имено, вкупниот приход од продадените билети за двете престави на „Тајно моја“ ќе биде дониран за лекувањето на 13-годишниот Гоце Марковски од Битола кој што боледува од тумор на мозокот и се бори за својот живот. Во фоајето на МОБ исто така ќе бидат поставени и донациски кутии каде што посетителите ќе можат да донираат дополнителни средства за Гоце, согласно со своите можности.

Со овој чекор Македонската опера и балет ја продолжува мисијата што беше идеја-водилка на Тоше во текот на целиот негов живот, и продолжува да го слави споменот на него.  

Македонската опера и балет во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ го постави мјузиклот „Тајно моја“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, на десетгодишнината од неговата прерана и трагична смрт. Мјузиклот ја следи приказната на модерните македонски „Ромео и Јулија“. Време кога љубовта ги милува и освојува срцата преку нотите и стиховите на Тоше Проески, време кога се прашуваме дали љубовта и музиката се доволно моќни за да го спасат светот. Другарството, пакоста, алчноста, осаменоста, желбата за успех, стравот, а најмногу надежта и љубовта се теми кои провејуваат во ова музичко-сценско дело базирано на голем број музички хитови на Проески, „оплеменети“ во нови оркестарски аранжмани, во изведба на новите ѕвезди на македонското музичко небо.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top