| четврток, 6 декември 2018 |

Арна Шијак за мјузиклот „Тајно моја“: Љубовта, посветеноста и радоста, секогаш треба да горат со истиот пламен, како кога се запалиле!

Утре е втората изведба од мјузиклот „Тајно моја“ кој е проект во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда. Организиран е во годината кога се одбележуваат десет години од прераната смрт на Тоше (1981-2007). Мјузиклот е базиран на голем број негови музички хитови, како Тајно моја, Немаш ни благодарам, Игри без граници, Полско цвеќе, Усни на усни, Сонце во твоите руси куси, The Hardest Thing…

Аранжманите на музиката се на Кокан Димушевски и Сони Петровски, либретото е на Огнен Неделковски. Режисер е Тони Михајловски, диригент Иван Еминовиќ, кореограф Олга Панго. Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска.

Мјузиклот има два чина и учествуваат: Антонија Гиговска, Денис Димоски, Јана Стојановска, Александар Тарабунов, Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Арна Шијак, Дејан Лилиќ, Лазе Манасков, Сара Гигова, Хелена Мочевиќ, Љупка Арсова, Тања Бојковска, Мила Николовска, Анастасија Аврамовска, Симеон Коруноски, Јане Дунимаглоски, Ристе Гавроски, Марко Димитриевски, Марјан Стојановски. Настапуваат и Оркестарот, Хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

Актерката Арна Шијак ја толкува улогата на мајката на Филип и со неа во пресрет на утрешната изведаба поразговаравме за ликот што го толкува, искуствата кои ги стекнала во овој проект, соработката…

Во што е различен ликот што го толкувате во мјузиклот „Тајно моја“ од улогите што сте ги реализирале во вашата досегашна кариера?

-Верувале или не, ниту еден процес, ниту една улога не се исти. Па така и оваа. Според координатниот систем на претставата, која сепак е од еден поинаков жанр, ние „сениорите“ – родителите на Филип, родителите на Ана, Љупче, Марко сме во втор план. Нашата функција е да го помогнеме првиот план, во кој вистинските ѕвезди во претставата – Антониа, Сара, Хелена, Денис, Тара, Симеон, Ристе, Марко, Јане, Марјан, Калеша, Андреа, Марија, Тања, Љупка, Мила, Анастасија – без сенки ќе блескаат. Така што, иако имам минијатурен лик, на сцената, како и секогаш, излегувам со радост.

Какво беше вашето искуство да ја делите сцената со младите актери/пејачи и дали можеби нешто научивте од нив?

-Средбата со надарени личности е секогаш радосна. Просто не може поинаку. А нашите сојузници во овој проект се исклучително надарени, зачудувачки зрели и извонредни млади дами и господа. Она што е највредното од оваа средба – токму со нив и токму поради нивната младост – е потсетувањето дека љубовта, посветеноста и радоста, секогаш треба да горат со истиот пламен, како кога се запалиле.

Кои се квалитетите што вие лично како актер сметате дека ги носите на претставата?

-Ова е малку деликатно прашање. Сепак, публиката е таа од која се очекува да го препознае влогот на секој актер. Се разбира, во рамките на оставениот простор, кој нашата подготвена публика умее да го препознае.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top