Актерот Игор Џамбазов од самиот почеток е дел од мјузиклот „Тајно моја“. Најпрвин беше дел од жирито кое ги избираше актерите, а потоа и во улогата на таткото во мјузиклот. На таа тема поразговаравме со Џамбазов во пресрет на втората изведба на „Тајно моја“ на 19 април.
Какви карактеристики носи ликот што го толкувате во “Тајно моја ”
–Јас го играм таткото на главната хероина во приказната,Ана (Антонија Гиговска). Мојот лик е класичен транзициски профитер од крајот на минатиот и почетокот на овој век, какви што на Балканот ги имаше премногу, а се раѓаа преку ноќ, и се богатеа многу бргу и тоа врз туѓата несреќа. Тоа е човек кој не бира средства за да ги оствари своите планови, уништува туѓи животи и судбини само за да дојде до целта. Дури ќе си дозволи и да се замеша во љубовта на својата омилена ќерка, со тоа што ќе се обиде со пари да го убеди нејзиниот сакан да се откаже од неа, што се разбира нема да му успее. Неговата приказна завршува со неговата смрт, крај кој им се случи на многумина такви, бесчувствителни луѓе од тоа време, вмешани во нечесни и нечисти работи.
Какво беше вашето искуство да ја делите сцената со младите актери/ пејачи и дали можеби нешто научивте од нив?
-За мене најважно од се е фактот дека во нашето Кастинг Талент Шоу, создадено токму за да се одберат главните ликови во овој мјузикл, сме завршиле одлична работа. Сме ги избрале вистинските деца, и на тоа сум посебно горд. Тие успеаа за многу кус временски период да влезат успешно во еден многу напорен и компликуван процес каков што е создавање на еден ваков спектаткл.Учеа многу бргу и сфатија дека многу полесно ќе дојдат до успешен резултат, ако ги слушаат советите на моите колеги, професионални актери (Весна, Арна, Дејан, Лазе), особено од режисерот Тони Михајловски. Верувам дека многумина од нив веќе се зарарзија со вирусот наречен театар и дека ќе продолжат успешно да се занимаваат со оваа работа. Во некои од нив се препознав себе си на нивни години. Тој сјај во очите, радост во секоја секунда проведена на сцената и бескрајниот ентузијазам кој го поседуваат и кој не би сакал никогаш да го загубат.
Која е пораката што со себе ја носи мјузиклот “Тајно моја “
-Овој мјузикл има повеќе пораки, но буквално сите тие се всушност пораките што нашиот Тоше секојдневни им ги упатуваше на своите обожаватели. За тоа дека човекот треба секогаш да има верба во себе, во љубовта, во Бога, да биде хуман и безбрезервно да им помага на сите оние на кои помошта им е неопходна. И токму затоа тврдам дека Тоше би бил пресреќен кога би можел да го види овој мјузикл, и да биде сигурен дека неговата мисија на земјата, иако премногу куса, не била залудна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.