На 12 април во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес премиерно ќе биде изведена претставата „Синиот портокал“ според текстот на британскиот автор Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски и драматургија на Катерина Момева…
Како што рече на прес-конференција уметничкиот директор на Театарот Васил Зафирчев, Пенхол кој првпат се поставува на македонската сцена, пишува современо, наметнувајќи социолошки контексти, ликови на индивидуи кои бараат себереализација во општеството кое робува на бирократизација и меѓучовечки ривализам.
Во 2000 година оваа драма првпат била поставена во Националниот театар во Лондон. Како што појасни режисерот Александар Ивановски, тоа е комедија, камерна претстава за тројца актери.
– Станува збор за реална секојдневна приказна што многу лесно може да му се случи на секој од нас во овие нестабилни времиња, истакна Ивановски.
Драматургот Катерина Момева додаде дека контекстот во претставата се актуелизира и локализира.
– Адаптацијата се однесува на Ерџан, Ром кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника, појасни Момева.
Во претставата настапуваат Самоил Стојановски, Фаик Мефаиловски и Жарко Спасовски, сценографијата е на Филип Коруновски,а музиката на Сашко Костов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.