Културно Информативниот центар на Република Македонија во Софија, утре ( вторник, 11 април) во 18.30 часот ќe се отвори изложба со наслов „Мандала 2“ на авторката Соња Чингарова Фотева од Скопје.
Во присуство на авторката Соња Чингарова Фотева, на изложбата ќе говорат, г-дин Васко Шутаров, директор на Културно Информативниот Центар на Р.Македонија во Софија и Дора Андова Фотева, кустос советник историчар на уметност во Музеј на град Скопје.
На оваа 13 –та по ред изложба со наслов „Мандала 2“ ќе бидат презентирани 18 дела во маслена техника работени во периодот од 2007-2017 год .
Чингарова Фотева е родена во 1959, Велес. Во 1984 дипломира Историја на уметност и Археологија на Филозофски факултет, Скопје. Од 1991 сликарството станува нејзина определба. Низ сите овие години, фокус на нејзиниот интерес, проучување и уметничка инспирација се различните културни наследства и филозофии. Сето тоа го преточува во своите сликарски и поетски дела. Иако нејзиното сликарство и поезија се засебни подрачја на нејзината уметничка експресија, тие преставуваат органско единство. Има објавено три поетски книги и реализирани 12 самостојни изложби во земјата и странство во периодот од 1993 до 2016 година. Делата на Соња Чингарова Фотева се плод врз кои се темелат различните проучувања на се она што преставува нејзин интерес, како провокација, како емотивна инспирација, како отелотворување на импресиите. Естетиката и мерката што ги исполнуваат платната на Соња Чингарова Фотева секако, заедно со нивниот енергетски набој се главната одредница на дела кои предизвикуваат сугестија и визуелна сензација со рационална обоена поетика. Оттука, нејзините слики се слики со мистични сугестии и сензации-синтетизирани и тивки, но не и молчеливи, мудри и естетски: и тука можеби е клучот за влезот во сликарскиот простор на Фотева. тоа се дела кои треба длабоко да се гледаат, читаат и откриваат.
Тие му припаѓаат на менталниот склоп достапни на перцепцијата, со богато и напластено-повеќеслојно колористичко миље, напати со пиктурални знаци, светлото и сенката, прозирност и непрозирност, како и крајната граница на инфилтрираните симболи како основа но и замка на сликата, стануваат темелно прашање на кое делата на Фотева се одговорот. Тоа се хармонизирани одговори, пишувани со ритамот на срцето, отелотворени во: слика простор, слика симбол.
Тоа се дела творени со медитативен пристап и засебна љубов, тие се плод на креативна енергија, облагородување на ликовната физиономија и индивидуалност, но истовремено се и дијалог со, и за времето, со, и за универзумот.
За оваа изложба насловена „МАНДАЛА 2“ авторката Соња Чингарова Фотева, во каталогот ќе напише: „Мандала е сликовен, нумерички, и колоритен симбол. Херметички портрет на точка, круг, и квадрат. Проекција на светот, сакрална геометрија врз структурата на вечното и бесконечното. Единство на сè, совршен спој на измирени спротивности. Објект за медитација, пат на духовно искачување. Отслик на најдлабоките слоеви на свеста, внатрешна визија.“
Изложбата ќе биде поставена во Културно Информативниот центар на Република Македонија во Софија до 7 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.