Гералдине Т. Ампо е од Филипини, од градот Илиган, островот Минданао или, како што таа милува да каже, островот од каде што потекнува претседателот Дутерте. Љубовта била причината за оваа млада професорка по англиски јазик да ја напушти својата земја и да дојде да живее овде. Таа, покрај својата професија, се занимава и со продажба на накит преку интернет, така го запознала Никола, кој, покрај професионален соработник, ѝ станува пријател, а сега веќе и сопруг. Гералдине за Македонија вели дека е убава земја со богата историја, учи да зборува македонски јазик, а многу сака да ја истражува земјата. За македонскиот народ вели дека е гостопримлив, ведар и народ што, навистина, знае да помогне
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Првпат во Македонија дојдов на 29 декември 2015 година. Бидејќи се вљубив во Македонец, па дојдов да ја посетам земјата во која тој живее. Љубовта ме донесе овде. Мажена сум за Никола Димовски со кого се запознав случајно, односно нѐ спои професионалниот живот. Јас се занимавам во продажба на накит преку интернет, Никола го прави истото тоа овде, па се случи соработка, се запознавме и како што одминуваше времето, тој дојде во Филипини и станавме блиски пријатели, за потоа тоа пријателство да прерасне во љубов. Се венчавме во мојата земја. А јас решив да дојдам во Македонија и да бидам со него.
Доаѓате од земја со поинкава традиција и култура, беше ли тешко да се приспособите на начинот на живот овде?
Македонија е убаво место за живеење, организирано е, но морам да споменам дека, во споредба со Филипини, навистина ми е тешко да се навикнам на времето. Има четири годишни времиња, а кај нас имаме само сончеви и дождливи денови. Секако, тука се и различностите во животните навики. Кај нас се станува многу разно, во споредба со овде, во шест и во седум часот наутро веќе се појадува, а овде првиот појадок е околу 12 напладне. Затоа ми се случува да го разбудам Никола рано и да му кажам дека сум гладна (се смее). Да бидам искрена, во Македонија многу ми се допаѓа историјата на земјата, културните знаменитости, но и тоа колку голема важност им се придава на семејните вредности. Тоа е многу значајно и во земјата од каде што доаѓам. Кај нас во Филипини е многу важна поддршката од мажот, односно мажот е тој што завршува голем дел од домашните обврски, чисти, пере, готви…
Од друга страна, ми беше необично што тука постојат многу обложувалници, па ти доаѓа помислата, зар луѓето овде имаат толку многу пари? Кај нас ова не е случај.
Сѐ уште се адаптирам на начинот на живот овде, учам и комуницирам со луѓето колку што можам повеќе.
Кое е вашето мислење, знае ли Македонецот да подаде рака кога е потребна помош?
Луѓето во оваа земја се секогаш подготвени да помогнат, дури и без да го побараш тоа од нив. Еднаш кога шетав низ маркет и разгледував наоколу, претпоставувам, луѓето помислиле дека ми е потребна помош и без размислување дојдоа да ме прашаат дали ми треба нешто, дали ми е потребна помош за тоа што го барам, но, секако, одговорив не. Да признаам, бев многу пријатно изненадена.
Ви се допаѓа ли македонската кујна?
Со мојот сопруг и пријателите имаме ден што го викаме време за бурек, јадам баничка, потоа многу го сакам македонското тавче-гравче, на пример, секој петок ( се смее), тоа го научив дека е како дел од македонската традиција. Имам пријателка од Филипини овде, која е мажена за Македонец, и ми донесе домашно направен ајвар.
Имате ли слободно време за да ја истражите Македонија?
Не многу, но сум била во Македонски Брод, Прилеп, многу сакам да ја посетам Битола. Охрид е град на историјата, вреди да се види. Сум била и во Крива Паланка. Сакам да посетувам туристички места овде во Македонија. Сум била и на Кале, на Аквадуктот. Ги посетив и Матка, Водно. Многу ми се допаѓа Старата скопска чаршија, таму може да се види како некогаш се живеело и тоа е, навистина, одушевувачки за човек што доаѓа од друга земја. Морам да истакнам и дека Скопје е многу убав град, кога им кажував на моите пријатели дека ќе дојдам да живеам овде ја бараа Македонија на карта, но за да им олеснам им викав дека јас ќе живеам во земјата на Александар Македонски и тогаш сите знаеја за што зборувам, всушност дека одам во земја со богата историја.
Веќе сте македонска снаа, го учите ли македонскиот јазик?
Почнав да го учам македонскиот јазик пред околу еден месец. Не е многу тежок јазик за да се разбере. Оваа година ќе ја посветам на тоа, минатата ми беше година за адаптирање. Јазикот најмногу го учам преку разговор со луѓе, учам и да пишувам.
Ви недостига ли родната земја?
Да, понекогаш, ама не толку многу. Можеби ми недостига сонцето, топлата клима, секако фамилијата, пријателите. Но ја имам поддршката од сопругот, тој, навистина, го цени тоа што јас оставив дома сѐ и заедно дојдовме да живееме овде. Има разбирање дека јас сум таа што треба да се навикне на нив и на сосема поинаков начин на живот. За среќа, технологијата е денес многу напред, па мене ми е доволно во текот на денот да се слушнам со некој од моите и да бидам задоволна.
Кои се вашите планови, останувате ли да живеете овде?
Македонија е мојот дом сега, во иднина не се знае што може да се случи, но засега плановите се да живееме и да работиме овде.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 240 бр на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.