| четврток, 6 декември 2018 |

Европа ќе добие нов шампион, Кјелце елиминиран во осминафинале

kjelce

Монпелје го приреди најголемото изненадување во осминафиналето од Лигата на шампионите, елиминирајќи го европскиот првак Кјелце. Француската екипа ја одбрани предноста од пет гола од победата на домашен терен и ја потврди со втор триумф (28-26) и заслужено стигна до најдобрите осум екипи во Европа.

Ракометарите предводени од Талант Душебаев одиграа одлични први 30 минути и скоро ја достигнаа разликата од првиот меч. При резултат 9-11 за гостите, полскиот шампион го заврши првото полувреме со серија од 6-0 и стигнаа до +4 на паузата (15-11).

Но, во продолжението се случи неочекуван пресврт, кој стигна при резултат од 20-16 за Кјелце. Французите направија неверојатна серија од 7-0 и успеаја да ја преземат контролата над мечот (23-20). Домашните ракометари возвратија со серија од 3-0, но веќе беше доцна за било какво изненадување.

monpelje

Конечниот резултат гласеше 28-26, што значеше дека Монпелје обезбеди пласман во четвртфиналето, каде ќе се сретне со унгарскиот шампион Веспрем.

Јуре Доленец беше најрасположен кај гостите и постигна седум гола, а Гребиј се надоврза со пет. Очекувано, кај полската екипа најефикасни беа Јурецки со седум и Лијевски со шест погодоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top