Ракометарите на ПИК Сегед се шестиот четвртфиналист во Лигата на шампионите и противник на ПСЖ во мечот за влез на завршниот турнир на 3 и 4 јуни во Келн. Момците на Хуан Карлос Пастор од Данска се вратија со предност, а со одличниот втор дел, денеска во Сегедин, потврдија дека се поквалитетен противник од Силкеборг, победувајќи го со 33-24 (14-16)
Унгарскиот вицешампион започна нервозно, цело прво полувреме го бркаше водството на Данците, во чии редови одличен впечаток остави Себастијан Скубе. Сепак по -2 на полувреме се разиграа бековите на ПИК Сегед, најмногу некогашниот вардарец Горбок и предноста на ПИК Сегед во 45. минута достигна +4. Со многу рутина домашната екипа го приведе мечот кон крај за финална победа од 33-24.
Најефикасни во екипата на Пастор беа Горбок и Калман со по седум гола, а кај поразениот Силкеборг се издвоија Себастијан Скубе и Маркусен со по шест погодоци.
Вечерва се играат последните возвратни мечеви од осминафиналето на Лигата на шампионите, а се среќаваат Киелце – Монпелје и Флензбург – Мешков Брест
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.