Во реванш натпреварот од осминафиналето на Лигата на шампионите, ракометарите на ПСЖ на домашен терен го совладаа Нант со 35-27 и обезбедија пласман помеѓу најдобрите осум.
Иако тимот на ПСЖ беше огромен фаворит, гостинските ракометари на почетокот на натпреаврот беа тврди и не дозволуваа домаќините уште на старот да побегнат. Нант во 12. минута прв поведе со +2 (6-8), а истата предност ја имаа 19. минута (9-11). Но „светците“ на тоа возвратија со серија од 5-0 и поведоа со 14-11, за да на одмор заминат со позитива од + два (15-13).
Во второто полувреме ракометарите на ПСЖ без поголеми проблеми го контролираа натпреварот и ја зголемуваа својата предност, а во 52. минута по голот на Хансен поведоа со највисоки + шест (29-23). До крајот избраниците на Сердарушиќ уште повеќе ја зголемија предноста и славеа победа од 35-27. Најефикасен во тимот на ПСЖ со 10 гола беше Ремили, Геншајмер запиша шест, а Хансен и Карабатиќ натпреварот го завршија со по четири гола. Во тимот на Нант најефикасен беше Балагуер со девет погодоци.
Во четвртфиналето ракометарите на ПСЖ ќе играат со подобриот од дуелот Пик Сегед-Силкеборг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.