| четврток, 6 декември 2018 |

По повод 72 години од првата претстава во МНТ „Платон Кречет“: Изложба на ликовното творештво на Димитар Кондовски

Публиката првпат ќе види портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки, од кои се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ; авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев; пенливиот лебед на примабалерината Натка Пенушлиска; алхемичарски магичниот портрет на учителот Никола Мартиновски; портретите на доајенот Трајко Чоревски

На 3 април (понеделник) 2017 година, во 19 часот во Македонскиот народен театар, со нова времена изложба посветена на ликовното творештво на Димитар Кондовски, во продукција на Музејот на МНТ, ќе бидат одбележани 72 години од изведбата на првата претстава „Платон Кречет“.

„Добар повод за апострофирање на уште еден ден за паметење во историјата на МНТ, но истовремено и во културната историја на Македонија, е 90 годишнината од раѓањето на несомнено најголемиот и најпродуктивен портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог – Димитар Кондовски.

Една од темите кои го преокупираат, а која е од особено значење за театрското културно паметење е речиси хронолошкото портретирање на театарските уметници, со кои катадневно соработува: тие се неговите пријатели, вткаени уште од најраните години во неговиот творечки простор. Така е создаден еден исклучително богат опус на „разговори-шепотења“ на уметникот со уметниците – скици и портрети на актери од сите генерации, со што Кондовски си го обезбедил местото на најголем хроничар на македонската театрска заедница. Токму затоа, авторките на изложбата Јасминка Намичева и Екатерина Намичева, преку годинешнава изложба ќе се обидат да откријат дел од „затскриениот свет“ на Кондовски, изложувајки за прв пат пред публиката огромен број – портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и безброј навидум безначајни прибелешки, од кои се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ; авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев; пенливиот лебед на примабалерината Натка Пенушлиска; алхемичарски магичниот портрет на учителот Никола Мартиновски; на различен ликовен јазик но еднакво вонвременски-портретите на доајенот Трајко Чоревски – цела галерија на ликови кои дишат се уште пред нас со безвременскиот здив кој со својата сликарска магија, Димитар Кондовски им го вдахна и ги воздигна во вечноста.
Без огромната заложба на Хилдегард Кондовска, која сесрдно излезе во пресрет при селекцијата на делата, оваа изложба ќе беше невозможна. Автор на фотографиите е Филип Кондовски, а стручен соработник е најголемиот познавач на делото на Кондовски е Емил Алексиев. Во рамките на виртуелниот концепт кој го развива веке неколку години Музејот на МНТ, и за оваа изложба ќе биде изготвена 360о витруелна тура, која ќе биде достапна на веб страната на МНТ“ се вели во соопштението од Македонскиот народен театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top