| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ за условот на Беса: Не може Kасами да има еднаков број министри со Ахмети

analiza231-2-zaev-kasami

Предлогот Талат Џафери да биде единствен кандидат за претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство извисил, бидејќи од една страна, лидерот на СДСМ Зоран Заев не можел да му гарантира на лидерот на Беса Билал Kасами, еднаков број министерски функции како тие за ДУИ. Од друга страна, пак, одлуката на Kасами била дека без гаранции за еднаква поделба на владиниот колач меѓу ДУИ и Беса ќе нема гласови за Џафери, потврди вчера за „Дневник“ висок функционер на СДСМ.

Но, и покрај разидувањето на СДСМ и Беса за претседателската фотелја во Собранието и од двете партии велат дека вратите за можна владина соработка с` уште се отворени.

„Дневник“ веќе објави дека Kасами го условил Заев со министерски позиции, ако ги сака и нивните гласови за кандидатурата на Џафери, во спротивно, Беса нема да гласа пратеникот на ДУИ да биде новиот претседател на парламентот.

На продолжението на конститутивната седница завчера, Беса потврди дека нема да го поддржи Џафери, со образложение дека СДСМ ја избрал ДУИ, иако кандидатот на Беса бил покредибилен и без коруптивно и криминално минато како тоа на Џафери.

Ова, впрочем, е и прво јавно несогласување помеѓу потенцијалните владини партнери откако ДУИ, Беса и „Алијансата за Албанците“ ги дадоа своите пратенички потписи за Заев да стане мандатар.

– Точно е дека од Беса бараа гаранции да имаат еднаков број министри и функционери во новата влада како ДУИ за да ја дадат поддршката за Џафери, поради тежината на функцијата претседател на Собранието. Но, такви гаранции СДСМ и Заев не можеа да им дадат, бидејќи за поделба на владиниот колач меѓу партиите од мнозинството с` уште не е разговарано, зашто Заев с` уште не е мандатар. Им ги кажавме позициите дека мора да се запази паритетот во новата влада и Беса одлучи да не даде поддршка за Џафери – вели висок функционер на СДСМ за „Дневник“.

Тој додава дека нереални се барањата на Беса за еднаков број министри со ДУИ, бидејќи партијата на Али Ахмети има двојно повеќе пратеници од партијата на Kасами.

– Од истите причини нереално беше инсистирањето да го поддржиме кандидатот на Беса за претседател на парламентот. ДУИ има најмногу пратеници во албанскиот блок, Џафери има пратеничко искуство од неколку мандати, а кандидатот на Беса е без парламентарно искуство – вели функционерот од СДСМ.

Според него, тоа не мора по автоматизам да значи дека Беса нема да биде дел од новата влада.Тој вели дека допрва ќе следуваат преговорите со ДУИ, Беса и со „Алијансата за Албанците“ за поделба на ресорите. Планот е по изборот на претседателот на Собранието, тој писмено да го извести шефот на државата, Ѓорге Иванов, дека има парламентарно мнозинство и да му го даде мандатот на Заев. Во тој период се очекува да почнат преговорите меѓу партиите за поделбата на ресорите.

За ДУИ, како што веќе објавивме, е неприфатливо барањето за еднаква поделба на министерските позиции меѓу Беса и партијата на Ахмети. Одговорот на интегративците е дека влада може да има и без Беса, но не и без ДУИ.

И од Беса вчера ни потврдија дека одлуката да не го поддржат Џафери не треба да се меша со формирањето на идната влада. Од Беса потенцираат дека тие не се откажуваат од својот кандидат за претседател на парламентот. Ова значи дека Џафери ќе има најмалку еден противкандидат за функцијата претседател на Собранието.

– Имајќи ја предвид актуелната ситуација, фактот дека не успеавме да се договориме со СДСМ за нашиот кандидат за претседател на Собранието, нам ни е оневозможено да имаме свој кандидат. Меѓутоа, доколку се деблокира Kомисијата за избори и именување, ние ќе предложиме наш кандидат. Потенцираме дека не станува збор за преговори за влада, ниту за бројот на министерствата, туку за предлог-кандидат за претседател на Собранието. Доколку во иднина, во некој друг случај станува збор за преговори за формирање влада, органите на партијата ќе донесат соодветна одлука – ни изјави Орхан Муртезани, портпарол на Беса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top