По четири одиграни натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство 2018, македонската репрезентација нема ниту еден освоен бод. Избраниците на селекторот, Игор Ангеловски вечерва во Вадуц ја имаат најголемата шанса за прва победа во овој циклус.
Дека „црвено-жолтите“ се голем фаворит против Лихтенштајн потврди и предводникот Рене Паурич. Покрај анализа на денешниот меч, тој истакна дека Македонија не заслужува да биде на дното без ниту еден освоен бод.
– Секако дека Македонија е во предност. Па во таа селекција играат еден Горан Пандев, секако дека тука е Илија Несторовски. Фудбалери кои јас посебно ги ценам и затоа сметам дека гостинот е голем фаворит на овој натпревар. Ние имаме проблеми со суспензии, повреди и слично и затоа не ќе можам да сметам на сиот свој играчки потенцијал.
Во изминатиот период подготвувајќи се за овој натпревар имав можност да гледам неколку натпревари на Македонија, посебно за тие во нашата група. Слободно можам да кажам дека Македонија никако не заслужи да има нула бодови од изминатите четири меча. Па со Албанија беше подобра и заслужи победа. Сите знаат на кој начин загубија од Израел и Италија, навистина Македонија поседува квалитет. Додека на мечот со Шпанија нема што многу да се коментира. Фуријата е посебна димензија и убедливо најсилен тим во нашата група – изјави Паурич.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.