Изнаоѓање можности како да се надмине ситуацијата во Македонија и замјата да се врати во нормала со функионални институции, побарале еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн на вечерашната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Собранието на Република Македонија.
– На средбата не разговаравме за санкции, туку како да се излезе од кризата, што треба да направиме како политички партии и како може ЕУ да ни олесни. Еврокомесарот Хан и европратениците побара институциите што поскоро да се формираат, земјата да ги надмине сите недоразбирања и сите политички сили да преземат одговорност се до успешното конституирање на институциите во Република Македонија, изјави Ахмети по средбата.
Нагласи дека побарал од еврокомесарот Хан и од европретставниците и понатаму да ги охрабруваат политичките партии и да продолжат да олеснуваат со цел да се надминат разликите кои ги имаат партиите и институциите да започнат да се занимаваат со многуте сериозни прашања со кои се соочува земјата.
– Сигурно е дека мора да водиме дијалог и да бараме решенија затоа што не треба да ја донесеме ситуацијата до ниво да ги разочараме нашите пријатели во овој случај ЕУ. Тоа не би било добро ниту за една политичка сила, ниту за нашата земја. Мора да собереме позитивна енергија и да ја насочиме во функција на решавање на кризата, а не на предрасудите и оптоварувањата кои се голем ризик за можни судири помеѓу етничките заедници или меѓу претставници на иста заедница, рече Ахмети.
Имаме, посочи, морална, национална и државна одговорност.
– Кризата треба да се реши со политички методи и да не прерасне од политичка во меѓуетничка криза. Сите треба да бидат внимателни и да инвестиаат во правец на конституирање на институциите и на нивното функционирање, потенцира Ахмети и изрази надеж дека средбите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со европретставниците ќе резултираат со изнаоѓање решение.
Тој прецизира дека ДУИ веќе ги повика сите политички сили во земјава што е можно поскоро да изнајдат заеднички јазик, да ги стават државните интереси над партиските.
– Нудиме партнерство на секоја политичка сила која ќе направи напори за институциите во земјава да се вратат во нормално функционирање. Но, целата ситуација не зависи од добрата волја на ДУИ, туку волја треба да демонстрираат двете најголеми политички партии, рече Ахмети и додаде дека ДУИ две години остана во институциите со цел во земјата да не ескалира нерешлива политичка криза.
Побара од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ги надминат нивните разлики и да понудат добро решение за нормално функционирање на државата.
Прашан што доколку претседателот Иванов не се премисли, Ахмети рече дека ДУИ даде поддршка за конституирање на иснституциите и оти стои на дадениот збор и не бега од одговорноста.
– Не сум поборник да станеме бунтовници и насила да влеземе во институциите. Собранието е место каде се произведува демократија. Тоа треба да профункционира, но како што реков за тоа треба да покажат добра волја двете најголеми политички партии, истакна Ахмети.
За платформата на албанските партии рече дека се злоупотребува политичката декларација на албанските прламентарни партии за политички цели и додаде дека доколку треба да се повлече декларацијата треба да се повлече и Охридскиот договор.
На прашањето зошто не стојат на договорот за коалицирање на победник со победник, Ахмети истакна дека со ВМРО-ДПМНЕ сега имале непремостливи разлики за да продолжат заедно да владеат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.