Амита Нандал е триесетгодишна девојка, која далечната Индија ја заменила за Македонија. Таа овде работи како електро инженер, а во Македонија, како што раскажува таа за „Република“, се решила да живее поради природните убавини на земјата. Амита вели дека секогаш мечтаела да живее во земја со планини. Таа ужива да пешачи покрај Охридско Езеро, сака да ја истражува Македонија. Вели дека ја одушевуваат македонската култура и музика. Омилено јадење ѝ се полнети пиперки, а за пријателите знае до го зготви и традиционалното тавче-гравче. Според Нандал, тоа што ѝ оставило впечаток во текот на нејзиниот престој овде е што луѓето знаат да направат рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Во Македонија дојдов минатата година во октомври, овде сум веќе пет месеци, но се чувствувам како да сум пристигнала вчера. Секој нов ден е ново доживување овде и навистина е многу убаво.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се адаптирате на животот овде?
Јас сум родена во Индија. Да, тоа е земја со различна религија и култура, но јас верувам дека Македонија е добра за странец да се приспособи на животот овде, посебно во мојот случај, како личност што дошла да работи во друга земја. Навистина беше голема промена за мене. Но во текот на мојот престој овде никогаш не почувствував носталгија кон дома. Навистина сум уверена дека живеењето и работата овде ќе ме мотивираат и ќе ме стимулираат да одам напред. Моментно живеам во Охрид, град што е, навистина, убав и кој нуди мирен живот и рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот.
Како решивте да живеете во Македонија?
Уште како тинејџерка јас се одушевував на земји со убава природа, планини. Размислував како би било да живеам на такво место подолг временски период. Конечно ја пронајдов Македонија, навистина многу убава земја, која е во согласност со тоа што го посакував. Таа е богата со култура, шарени костуми, традиционална храна и со незаборавна музика, што ме привлече многу. Според мене, културата на македонскиот народ се карактеризира со традиционални и модернистички атрибути.
Дали македонскиот народ знае да подаде рака кога е потребно?
Секако, да. Луѓето овде се секогаш подготвени да помогнат. Тие се со меко срце и многу ведрина во нив. Мене ми се случува да добијам помош и во маркет, кога поради мојот англиски јазик вработените не можат да ме разберат што барам, па ме упатуваат до личност што го разбира јазикот или, пак, знаат да се потрудат да ме услужат преку гестикулации. Но сметам дека лично за мене ќе биде најдобро да го научам македонскиот јазик, па затоа имам во план да почнам да го изучувам.
Како странец, кој е Вашиот впечаток за начинот на кој живеат луѓето овде?
Луѓето во Македонија се, навистина, добронамерни. Нешто што човек што доаѓа од друга земја може да го почувствува овде е тоа дека семејните вредности се секогаш на прво место. За разлика од повеќето американски и европски земји каде што, според моето мислење, не му се дава толку голема важност на зацврстувањето на семејните врски.
Ја сакате ли македонската традиционална кујна?
Оф, ова прашање ми прави веднаш да се почувствувам гладна. Имам вкусено традиционална македонска храна, како ајвар, тавче-гравче, охридска пастрмка, а омилени ми се полнетите пиперки. Генерално, луѓето во Индија јадат многу зачинета храна, но живеејќи овде јас уживам во различните комбинации на храна. Всушност, јас веќе готвам македонска храна , треба да го вкусите моето тавче-гравче. Од слатките работи морам да го издвојам десертот баклава, навистина е вкусна и не можам да ѝ одолеам.
Колку имате слободно време за да ја истражите Македонија?
Јас сакам да посетувам места, да научам нешто ново за местото каде што живеам. Стариот дел на Охрид, Куќата на Робевци, Плаошник, црквата „Свети Климент“, „Свети Јован“ на Канео, „Свети Наум“ и сум била во градот Прилеп. Секогаш уживам кога шетам покрај Охридско Езеро, навистина е одушевувачки што имам чест да поминувам време покрај најстарото езеро во Европа. Сите места што ги имам посетено досега беа убави, но јас би сакала да истражам уште повеќе во иднина.
Ви недостига ли Индија? Вашиот дом?
Ова прашање е скокотливо за да се одговори. На кој што доаѓа од друга земја не му недостига домот? Моите чувства за мојата матична земја се секогаш со мене, но живеејќи овде во Македонија се чувствувам исто како да сум дома.
Кои се Вашите планови, ќе останете ли во Македонија?
Навистина сакам да останам долго овде, едвај чекам да дојде лето бидејки слушнав дека во тој период од годината е навистина забавно.
Пишува:К.Н.К
(Текстот е објавен во 237 број на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!