| четврток, 6 декември 2018 |

Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!

Многу би сакала и понатаму да ми се случува да среќавам вистински луѓе на право место, да имам радост за мојата професија и би сакала да останам во тек со младите уметници, да ги разбирам и да можам да пливам заедно со нив, вели српската актерка во интервју за „Република“

Српската актерка Аница Добра (55) е специјалната гостинка на третиот меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“ . На отворањето утревечер во 20 часот во кино „Милениум“ ќе ѝ биде врачена награда за особен придонес во филмската дејност, а задутре од 18 часот во кино „Милениум“ во рамки на „Бела ноќ“ во нејзина чест ќе биде прикажан филмот „Жената со скршен нос“ на Срѓан Кољевиќ од 2010 година, во кој таа игра една од главните улоги.

Срдечна, непосредна, скромна, Аница Добра, ѕвездата на филмовите „Црни бомбардер“ и „Како пропадна рокенролот“ трпеливо одговараше на прашањата на новинарите на прес-конференцијата кои сакаа да знаат како таа денес гледа на настаните од 90-те години, за нејзиното мислење за слободата и за уметноста, каде таа повеќе се наоѓа себеси – во театарот или во филмот. Во интервју за „Република“ една од најголемите југословенски актерски ѕвезди на поранешна држава говори за изборот на нејзината професија, за филмот и за театарот, за соработката со германските продуценти, но и за искуството од снимањето на хрватската серија „Црно-бел свет“.

Во нејзината биографија се запишани улогите во филмовите: „Покондирана тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…. Последниве години оваа српска филмска и театарска актерка, која често се појавува во германски филмови не е многу присутна во јавноста. Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Атеље 212 и во театарот „Звездара“.

Можете ли да се сетите која беше причината да студирате глума?

ДОБРА: И после толку многу години, имам свежи сеќавања за тоа како решив да студирам глума. Јас сум родена во време на Социјалистичка Федеративан Република Југославија и тогаш се подразбираше дека по завршување на гимназијата мора да се запишете на студии. Често пати го слушам својот стомак и мора да признаам дека многу сум благодарна сама на себе поради тоа. Размислив и си реков: ‘А, ти, што би сакала?’ Знаев што не сакам. Не сакав да седам во амфитеатар и да бидам меѓу 800 студенти кои слушаат предавање. Сфатив дека сакам да бидам во помала група. По пат на дедукција дојдов до идејата што да студирам. На мојата пријателка ѝ раскажував дека не можам да се пронајдам во такви големи групи. Повеќе ми одговараа мали групи каде што ќе може да разговараме за она што не опркужува, за животот. И тогаш таа, како од пушка одговори: Па тоа ти е Академија! Значи таа ми ги отвори очите. Не сметам дека која било работа во животот е случајна, па така и тој момент кога седевме заедно и разговаравме за моите студии. Во тој момент знаев дека Академијата е мојот вистински избор. За денешни услови јас никогаш не би го положила приениот испит. Не знам како тогаш го поминав приемниот испит. На првата година на студии сфатив дека ништо не знам, колку моите критериуми се бедни во однос на другите, колкава дупка во читањето имам…Па така две години навистина се занимавав со себе. Желбата ми се исполни. Благодарна сум и за оваа награда од „Киненова“ и можам да се заблагодарам на мојот професор, сега веќе покоен Предраг Бајчетиќ што имаше таква визија дека од мене може да биде нешто, што ми го даде печатот кој го носам со себе до ден денес и што тој благороден човек посака да се занимавам со глума и бескрајно сум му благодарна бидејќи таа академија ми беше најважна работа за целата моја кариера.

Дали нам, на овие простори ни е потребна храброст? Дали е потешко да се биде општествено храбар или лично храбар?

ДОБРА: Апсолутно ни треба храброст, но претходно ни е потребно соочување. Прво мора да знаеме во што се впуштаме. Ако одиме со глава низ ѕид, треба да знаеме зошто. И мора да имаме одредена мотивација. Ако сме водени со сопствена мотивација, идеја и визија, ќе поминеме со глава низ ѕид. Може ќе не боли, ама ќе биде добро. Општествената одговорност почнува со личната одговорност. Ние сме креатори на нашата судбина и мора да сме свесни за тоа и затоа мора одговорно да се однесуваме.

Како вие ја чувстувавате духовната вертикала на животот? Родени сте во еден општествен систем, растевте и созревавте во друг, живеете во Србија и во Германија.

ДОБРА: Токму таа духовна вертикала не ми дозволува да правам граници. Навистина мислам дека ја имам најдобрата професија на светот што ми овозможува да се занимавам со она што го сакам. Автоматски, мојата професија ми ја овозможува таа духовна вертикала, бидејќи се занимаваме со нешто што е креативно, хумано, би требало да бидеме емпатични, да укажуваме на некои проблеми. Одамна ја немам таа илузија дека ние треба да го смениме светот, бидејќи не можеме, но можеби можеме да го смениме човекот. А тоа е доволно, бидејќи се почнува од поединецот.

Себеси се сметате за повлечена, медиски срамежлива личност. Велите дека ви е многу тешко да се истакнувате во општеството на кој било начин. Зошто така се доживувате, кога сте одлична актерка со импресивна биографија која на само 24 години ја доби наградата во Пула „Златна арена“ за филмот „Веќе видено“?

ДОБРА: Затоа што јас црвенеам додека вие ми го кажувате сево ова. Глумата е добар вентил. Јас на сцената се дрзнувам сешто да направам, да кажам. Исто така и на филм. Всушност, верувам дека повеќето актери се повлечени. Дури и оние кои се екстровертни. Тоа им е еден вид маска. Само кога сум смирена може да црпам идеи и енергија. Потребен ми е мир. Јас си го слушам инстинктот. Не сме сите родени да бидеме лидери. Јас не сум лидер. Но, себе би се опишала како тимски работник. Знам дека сум добра за кризни ситуации. Кога има криза, во состојба сум да ја кренам ситуацијата, да го извлечам најдобро нешто од ситуацијата. Едноставно, јас сум идеалист кому му е важно не само мене да ми биде добро, туку и на сите околу мене да им биде добро и се што работам го работам за доброто на сите. Тоа ми е многу важно. Затоа го имам тој луксуз да не учествувавам во јавниот живот, да не давам често интервјуа. Денес луѓето многу зборуваат, но ние треба да гледаме што работат. Луѓето зборуваат едно, но ние мора да ги видиме нивните постапки. Затоа јас повеќе сакам да се искажам низ работата, отколку низ чистата реторика.

Работите и во Србија и во Германија, снимате филмови, работите во театар, актуелни сте со хрватската тв-серија „Црно-бел свет“. Во какво сеќавање ви се  80-те години на минатиот век? А во како 90-те?

ДОБРА: Серијата е одлична. Се занимава со темата 80-те години во Југославија. Идеално. Авторите се фантастични. Имаме одлични услови за работи. Моите колеги се многу добри глумци и „Црно-бел свет“ е најгледана серија во историјата на ХРТ. Јас сум дете на 80-те. Тогаш не сум била видовита, духовита и драматична за да знам што не чека. Тоа е време кога мислев дека се можеме, кога безбрижно чекоревме низ животот со широко отворени очи. Без разлика на тоа што ни се случи во 90-те години, тоа беше време кога мислевме дека можеме се. А сега знам дека е време кога можеме се, без разлика што е вакво какво што е! Тогаш не можев тоа да го знам. Сметам дека е една од моите привилегии што учестувував и во 80-те и во 90-те години на минатиот век. Сето тоа мене ме оформи како личност и како глумица денес. Едноставно, сите ние, колективно, моравме да го изодиме тој пат и веројано не е случајно што во тоа време бевме на тоа место.

Се согласувате ли со констатацијата дека оној кој е денес нормален, тој не е е нормален?

ДОБРА: Тоа е реченица на Душко Ковачевиќ од една негова претстава. Таква слична реченица кажувам и во „Хипноза на една љубов“, најновиот текст нан Ковачевиќ кој се занимава со заминувањето на младите од државата. Сигурна сум дека и во Македонија е ист случајот како и кај нас, во Србија. Тоа е една универзална приказна и каде и да ја играме претставата има многу добар прием кај публиката затоа што сите луѓе се препознаваат во приказната.

Дали посакувате покомплицирани улоги и дали сметате дека сте привилигирани кога ги добивате?

ДОБРА: Ништо не посакувам. Јас имам некои визии. Како што кажав и претходно, за жал, ние не сме она што сакаме да бидеме, ние сме последица од она што досега сме го работеле. Кога бев млада глумица, постојано ме прашуваа што би сакала да глумам. Јас одговарав дека не сум во позиција да бирам, јас сум глумица. Попрво ќе направам најдобро што можам од она што ми е понудено. Ќе го одиграм како да ми е прво и последно во животот. Денес глумецот може да биде продуцент, па да си ја додели себеси улогата што ја сака. Јас немам продуцентски талент. Тоа е потполно дијаметрално спротивно од актерската работа. Продуцентот е некој кој мора да те кочи. Многу би сакала и понатаму да ми се случува да среќавам вистински луѓе на право место, да имам радост за мојата професија и би сакала да останам во тек со младите уметници, да ги разбирам и да можам да пливам заедно со нив.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top