| четврток, 6 декември 2018 |

Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар

Еднаш во Сараево се фотографирав со 700, главно жени во една сала и една од нив ме праша: Дали ви е мака да го правите ова? Јас и реков: Некој да ме одбие да се фотографира со мене тоа би било  траума за цел живот! Јас во родната Зеница ги чекав фудбалерите на Челик по три часа да излезат од хотел. Ако некој од нив не се фотографираше со мене или не ми дадеше автограм, мене ќе ми се срушеше светот. Ако некому му значи да се фотографира со мене, тоа е најмалку што може да направам за него. Јас сум среќен дека тоа некому му значи, вели Филиповиќ во интервју за „Република“

Босанскиот актер кој живее и работи во Хрватска Тарик Филиповиќ деновиве е на турнеја низ Македонија со монодрамата „Ќиро“ посветена на фудбалската тренерска ѕвезда Мирослав Ќиро Блажевиќ. Автор на сценариото е токму Филиповиќ, кој го напиша со помош на Антонио Габелиќ, а актерот е и режисер на монодрамата.

Во монодрамата дејствието се одвива на една клупа на која тој седи, стои покрај неа и наводно сам се интервјуира. Но, клупата е пензионерска, не тренерска, и тој раскажува за почетоците, за неговите фудбалски успеси но и падови и се она што му го донел животот. Па така, публиката дознава како тој го добил својот прв стан, како успеал да им се продаде на Швајцарците, како играл тенис со поранешниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, како му помогнал на Роберт Просинечки да стане фудбалер од светска класа, како заминал да работи на Косово, за неговото познанство со Ален Делон и Чарли Чаплин…

Ќиро може да го глумат само двајца, Ален Делон и Тарик Филиповиќ! Но, бидејќи Делон би глумел на француски, тоа значи дека помал број луѓе би го виделе филмот – вели Ќиро во монодрамата.

Филиповиќ и Блажевиќ се по потекло родени во Босна и Херцеговина. Актерот е пасиниран љубител на фудбалот и со познанството со Блажевиќ датира одамна. Но, популарниот Ќиро одбивал да дојде на премиерата на монодрамата. По убедување на сопругата дошол во театарот „Керемпух“, ја видел монодрамата и потоа му рекол на Филиповиќ: Фала ти сине што ме направи бесмртен!

Филиповиќ со „Ќиро“ претходно гостуваше во Битола на Фестивалот на монодрамата каде што доби награда од публиката. На турнејата во Македонија Филиповиќ на 26 октомври гостува во Струмица, а следниот ден е во Штип на 27 октомври во Домот на културата. Турнејата е во организација на продукцијата „КМК“.

Монодрамите вообичаено не привлекуваат многу публика, но, тоа не е случај со „Ќиро“. Бевме сведоци дека во Македонскиот народен театар немаше ниту едно празно столче. Како Вам ви успеа да ги полните салите во регионот? 

ФИЛИПОВИЌ: Гледајќи го Зијад Соколовиќ посакав да направам монодрама. Кога работиш монодрама, тогаш си сам на сцената и е еднакво на тоа како да полагаш нов актерски испит, потполно друга школа, друга енергија. Во монодрамата си сам, не можеш на никого да се потпреш освен на себе. Дури и изборот на мојата тема ми беше инспирација. Јас не ја избирав инспирацијата, туку таа ме бираше мене –  Ќиро и неговиот живот. Прво помислив дека тоа би бил прекрасен филм, а потоа си помислив, а зошто да не направам претстава? И така се почна…На почетокот не бев многу сигурен дека оваа тема ќе ја привлече женската популација. Тие сигурно прво си помислиле, ах тоа ќе биде фудбалска приказна, главно не е интересно. Но, по овие 60 претстави во регионот и по светот, веќе се знае темата и жените се предупредени дека темата и нив ги интересира. Реагираат исто како и мажите. Можеби генерациски некому оваа приказна му е поблиска, но не мора да знаете кој е Ќиро Блажевиќ за да ја следете монодрамата во која се говори за животната приказна на еден интересен човек.

На Фестивалот за монодрами во Битола ја освоивте првата награда од публиката. Ја очекувавте оваа нагграда?

ФИЛИПОВИЌ: Наградата од публиката секогаш ми е најдрага. Јас работам претстава за публика, а не за жири. Секогаш кога сум добивал награда од публиката, сум бил посреќен, отколку да добијам награда од тричлено жири. Во глумата, како и во се друго, луѓето можеш да ги измамиш еднаш, но не и вторпат. Секојпат кога ќе дојдеш некаде, како јас пред некој ден во Скопје, бев пресреќен. И поради примот и поради луѓето кои дојдоа да ја гледаат монодрамата. Верувам дека поголемиот дел си отидоа многу задоволни. За мене тоа е отворена врата за следниот проект.

Доаѓате на турнеја низ Македонија со монодрамата „Ќиро“. Освен во Скопје гостувавте во Струмица и во Штип. Со години сте пријател со Весна Петрушевска. Со кого најмногу се дружите кога сте во Скопје?

ФИЛИПОВИЌ: Ние супер се дружиме со Весна секогаш кога сум во Скопје. Освен со Весна се дружиме со Олга (Костовска, з.а), Каролина, Вики. Се дружам и со Калиопи како ќе ‘налетаме’ еден на друг. Јас бев гостин во Вртелешка кај Весна и оттогаш трае нашето пријателство. Имаме долгогодишен стаж како пријатели. Вики и Весна навистина ми ја направија најемотивната продукција во мојот живот. Некој ти прави продукција на претстава во Шведска, Германија, Австралија, но овде, во Скопје беше толку полно со душа и со срце. Ова ќе го паметам за цел живот!

Во ова време е сѐ потешко луѓето, публиката да се заинтересира за уметност, за театар. Каков е вашиот впечаток, тешко ли е да се задржи интересот на публиката за театар?

ФИЛИПОВИЌ: Мислам дека се уште жив актер на сцената е мамка за луѓето да доаѓаат во театар. Киното на пример, за жал, полека умира. Печатените медиуми исто така пред затворање. Јас ќе жалам за тие работи, но драго ми е што театарот останува и опстанува и што нуди предизвик да го види актерот на сцената како глуми. А тој актер не е ‘обработен’ со разно-разни филтри. Ова сѐ што е без филтри ќе живее уште, па така и театарот.

Критикитте во Хрватска велат дека во монодрамата Вам ви успеало не да го имитирате Ќиро, туку да креирате лик на аполитичен, итар Босанец кој сака да ужива во друштвото и во жените?

ФИЛИПОВИЌ: Мислам дека е тоа малку површно гледање на работите. Знам и точно на чиј текст мислите. Јас знам дека таа имитација е интересна, но тоа е само пет минути. Но, јас сум еден час и 15 минути на сцената. Кога го создавав ликот мислев на филмот „Да се биде Џон Малкович“. Јас навистина сакав да бидам Ќиро Блажевиќ и немав премиера се додека не бев сигурен дека тоа го постигнав. На сцената, во ‘Ќиро’ немам шминка, немам перика. Прво сакав да имам. Но, кога сфатив до кое ниво стигнав со Ќиро, си реков: Тебе не ти е потребна шминка! Јас ја облекувам неговата кожа и неговата душа место неговиот костим во тие 75 минути на сцената.

Имате многу улоги во театар и во тв-проекти. Со оглед на вашето искуство и зрелост во професијата, како ги бирате или ги прифаќате новите улоги?

ФИЛИПОВИЌ: Кога годините носат мудрост, секогаш жалиш за годините. Но, јас не жалам за ништо во животот. Во животот ми е се некако отприлика како што сакав. Многу од работите сам си ги направив како што јас сакав. Сега човекот некако помудро приоѓа на животот во овие години. Кога си млад одиш да се напиеш, а сега уживаш во една чаша убаво вино. Така е на еден начин и во глумата. Резултатот, отприлика, е ист, но пристапот е многу посуптилен, во согласност со годините.

Како успевате да го задржите внатрешниот мир, во професијата и во животот, со оглед на тоа дека сте многу популарни каде и да се појавите?

ФИЛИПОВИЌ: Тешко. Јас ги сакам луѓето и упорно повторувам дека сите треба да се однесуваме по онаа поговорка ‘Сите религии се браќа и сестри’, но не се однесуваме. Во свет во кој никогаш немало толку многу верници, а толку малку вера, многу тешко опстанувам. Ги сакам луѓето и за моја среќа се движам во некој микросвет на добри луѓе и добра енергија. Не знам, можеби се препознаваме! Не ми е тешко да одвојам време за кого било. Еднаш во Сараево се фотографирав со 700, главно жени во една сала и една од нив ме праша: Дали ви е мака да го правите ова? Јас и реков: Некој да ме одбие да се фотографира со мене тоа би било  траума за цел живот! Јас во родната Зеница ги чекав фудбалерите на Челик по три часа да излезат од хотел. Ако некој од нив не се фотографираше со мене или не ми дадеше автограм, мене ќе ми се срушеше светот. Ако некому му значи да се фотографира со мене, тоа е најмалку што може да направам за него. Јас сум среќен дека тоа некому му значи.

Далите сте соработувале со македонски автори и дали постои таква можност во блиска иднина?

ФИЛИПОВИЌ: За жал, многу малку. Еве сега снимав тв-серија со младата актерка Јана Стојановска и таа е прекрасна. Најмногу сум соработувал со режисерот Александар Поповски. Со него го работев текстот „Буре барут“ и „Да живее Хармс! Чуда постојат“. Кирил Џајковски ја работеше музиката за култниот текст на Дејан Дуковски. Значи постои некоја соработка, но тоа е малку. Се распадна поранешната држава, постои јазична бариера и сето тоа влијаеше. Еден генијален Тони Михајловски игра во „Парада“, но тоа е само исклучок, а не правило, за жал. Се надевам дека во иднината ќе има добри заеднички проекти.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top