Под мотото „За заедничка Македонија“, на вечерашниот протестен марш во Прилеп здруженија и граѓани ги повторија пораките против двојазичност и залагањата за зачувување на државата, нејзиниот суверенитет и интегритет.
Според Горан Стојаноски од патриотското здружение „Пере Тошев“, ништо нема да ги поколеба граѓаните во нивните цели и залагања.
– Нашите цели и залагања се НЕ за двојазичност во Македонија, зачувување на суверенитетот и интегритетот на нашата држава. Нема да дозволиме некој да си поигрува со нас. Една ни е Македонија и без разлика на ВМРО, СДСМ, сега една ни е партијата, а таа се вика Македонија. Ги повикуваме сите од партиите, и Албанците против кои немаме ништо. Да ги сочуваме нашиот интегритет, јазик, државата и културата и да ги оставиме за нашите идни поколенија и за нашите деца, изјави Стојаноски.
Учесниците на протестот ја поминаа вообичаената маршрута, почнувајќи од пред споменикот на „прилепските бранители“, по булеварот „Гоце Делчев“ до споменикот „Карпалак“.
Пред присутните се обрати и Цветанка Глигоровска која 53 години живее во Нови Сад, Србија. – Тука сум да им дадам поддршка на моите Македонци да не отстапуваат и да се живее мирно и спокојно, рече Глигоровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.