Отворено писмо до претседателот на САД, Доналд Трамп,
Од крајно загрижена македонска граѓанка, писател, универзитетски професор во пензија
Прекинете ја недемократската уцена за распад на Македонија!
Драг господин претседателе Трамп,
Деновиве албанските партии најавија воени закани против мирот, безбедноста и опстанокот на Република Македонија, со интервенција на странски сили блиски до албанските политичари. Албанските партии го изјавија овој милитантен и крајно загрижувачки став против македонскиот народ и држава, откако претседателот Горѓе Иванов објави уставно заснован став дека албанските и СДСМ постизборни агенди се недемократски, нелегални, неуставни и затоа неприфатливи.
Ви се обраќам како патриот, христијанин, конзервативен десничар, граѓанин на суверената и независна држава Македонија, родна земја на историскиот македонскиот народ кој е мнозински на нејзината територија. Сакам да верувам дека поради вашето најново искуство со тиранијата на левицата во САД против вашето заслужено претседателство, ние Македонците во Македонија, ќе наидеме на ваше разбирање и помош, кои се пресудно потребни за спречување на воен конфликт.
Од брифинзи во вашиот кабинет познати ви се околностите на оваа криза креирана од Сорос и профитерските радикални либерали на СДСМ. Дозволете ми накусо да наведам некои релевантни факти за правата кои Албанското малцинство во Македонија ги ужива на секој план.
Од пред и после распадот на Титова Југославија до денес, перфидните и корумпирани агенди и стратегии на албанските партии се помагани од државата Алабанија, од лево-ориентираните администрации на „големите сили“ кои континуирано и незаситно работат на криминално-политичко приграбување на власт, на територија во суверената Македонија во која Албанците ги уживаат сите права во меѓународното законодавство. Во овие 25 години Албанците двојно го умножија своето население, покрај со други стратегии и со помош на македонските комунистички функционери кои „преку ноќ“ им дадоа македонски државјанства на стотици илјади наводни албански бегалци од бомбардирањата на Клинтоновата администрација која всушност ја создаде таа криза за свои гео-политички интереси на Балканот и наметнувања на новата светска власт.
Еднаш се случи хаосот и крвопролевањето на Балканот, со албанската пропаганда во САД: да се бомбардира и истерува српскиот народ од својата историска косовска територија. Следеа и ескалираа постојано провоцирани инциденти, како и воениот конфликт во 2001, наметнат од албанската хегемонистичка агенда и вахабистичка нетрпеливост против христијанските народи на Балканот, што беше со познатата подршка од лево-ориентираната американска администрација.
Господине претседателе Трамп, Македонија деновиве имаше нов критичен момент на притисок од ЕУ преку поранешната комунистичка лидерка на млади сили во Италија, сега социјалдемократ, Федерика Могерини. Таа дојде во Македонија на 2 март, да ја поддржи албанската платфрома, невладините организации на Сорос и левите радикали во СДСМ (кои изгубија на изборите што ги доби народот со ВМРО). Могерини најави притисок за прифаќање на противуставни барања на Албанците за промена на името, знамето, химната, јазикот, парите и сѐ што произлегува од промените погубни по македонската државност и национален идентитет.
Госпоѓата Могерини наметнува нелегално прифаќање на противуставната платформа на албанската коалиција која додава свои само 18 пратеници во коалицијата со СДСМ, која освои само 49 пратеници, наспроти победникот ВМРО – 51 (за вкупни 120 пратеници во Собранието). Кризата кулминира со албанските коалиционери кои државата Македонија и македонскиот народ ги осудуваат на продолжено одумирање.
ЕУ и Могерини најавуваат поддршка за непријателите на Македонија и поништување на уставните права на мнозинското македонско гласачко тело кое победи на последните, трети вонредни избори, а сега е изиграно со крајно субверзивните содржини на албанската платформа. Оваа антимакедонска, антидржавна, антиуставна албанска платформа перфидно се појави како лукав конструкт за рушење на македонската држава, со уценувачки план за деконструкција на Македонија на Балканот. Оваа Албанска-СДСМ програма за целосно уништување на македонската уставна државност, независност и суверенитет, не била јавна и официјална политичка програма во текот на изборите, но по изборниот процес се јавува како апсолутно неочекувана и незаконски наметната уцена за македонската државност и македонската мнозинска националност. Нелегитимноста на Албанската платформа произлегува и од фактот што таа на народот, на партијата ВМРО и на легитимниот и демократски избран претседател Ѓорге Иванов му е сервирана како документ составен во туѓа земја, Албанија, од туѓа влада која има позната големо-албанска хегемонистичка политика на Балканот, подржувана од Сорос и левицата на ЕУ и САД.
Почитуван претседателе Трамп, знам дека мојот глас е одраз на мнозинството граѓани во Македонија кои гласаа за независноста, слободата, мирот и правдата во Македонија, за Македонија „економски поуспешна од кога било“, незагрозувана од теророт на лагите што им се главно пропагандно средство на левите „револуционери“ за нивниот затворен свет на квази елита, перверзно „просветлена“, со отуѓувачка, бескрупулозна и слепо индоктринирана идеологија.
Ве молам, господин Претседателе, не дозволувајте да се уништи уште една земја, народ, јазик, и култура во 21 век – Македонија! Се диктира крај на македонскиот народ и сите обележја на неговиот идентитет и на уставната, демократска, современа и напредна држава.
Ние десницата во Македонија ве подржуваме, разбирајќи како и во САД радикалната левица не сака да признае дека сте претседател кој постанува најсилен и најспособен за препород на Америка. Вашите брилијантни визии и реални способности за напредок на американската земја се немилосрдно атакувани од апсурдните социопатски непријатели – индоктринираната левица. Сепак, Вие ќе се одбраните, и ние се молиме за тоа. Но, Македонија – овие 25 години немаше кој да ја брани кога и таа и Америка беа заложник на неокомунистите.
Помогнете ни, претседателе Трамп, нашиот народ нема друг излез од оваа политичка корупција која е катастрофална за Македонија, освен ако вие не ја прекинете социјалистичката и албанската крајно недемократска, нехумана уцена за распад на уште една земја во 21 век – Македонија, во која Апостол Павле го почнал христијанството во Европа.
Господине Трамп, спречете ја македонската трагедија!
Од патриотското срце на Марија Емилија Кукубајска
(Писмото е испратено до неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.