Оперскиот првенец басот Игор Дурловски е актуелен директор на Македонската опера и балет. Триесет и деветгодишниот Дурловски има европска кариера, градена во изминативе 15 години на сцените во Германија и во Австрија.
Дурловски уште со неговото деби на матичната сцена во МОБ во 1999 година станува миленик на публиката и на критиката. Бележи ангажмани како солист на државните театри во Касел, Лајпциг, во Мунстер, Нортхаузен, на Државната опера во Штутгарт и на Бајројтскиот фестивал во Германија, како и во Државниот театар во Линц (Австрија), Виенската камерна опера, на ХНК Загреб, ХНК Осиек (Хрватска), на Операта во Тирана, НП Сараево, Московската филхармонија, Белградската филхармонија, а гостувал и во многу други средини, како во Јапонија, Бугарија, Мароко, во Италија итн.
За Дурловски искуството што го има стекнато во оперски куќи со високо европско и светско реноме му овозможува да ги согледа реалните услови и карактеристиките на културниот амбиент во земјава, како и можностите за развој на оперско-балетската дејност.
Роден е во 1977 година во Битола. Студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Биљана Јовановска Јакимовска, а се усовршувал во Камерното Студио на Оливера Милјаковиќ во Виена.
Повеќе години наназад, светот го запозна басот Игор Дурловски како интерпретатор на партии од оперскиот и концертниот репертоар. Тој ги третира музичките стилови со вистинска палета на расположенија, почнувајќи од улогата на Плутоне во Евридика на Јакопо Пери, до ролјата на свештеникот во операта “Посета на старата дама” на Готфрид Фон Ајнем.
Публика безрезервно го наградува гласот кој со големина и карактер го изведува белканто репертоарот на Гаетано Доницети, Винченцо Белини, Џоакино Росини, лириката и драматиката на Џакомо Пучини, како и херојските улоги од рускиот и францускиот репертоар.
Исполнувајќи го театарот со својот моќен и елоквентен бас, Дурловски толкува мноштво на ликови напишани од познатите автори. Инструментот на овој бас, Македонската опера и балет во периодот 2000 до 2002 година, го користи во продукциите на оперите „Лучија од Ламермур“, Дон Џовани, „Турандот“, „Севилскиот бербер“, „Риголето“, „Аида“ и други.
– Дурловски и музички и сценски настапува беспрекорно во неговата улога и покажува дека може да пее многу длабоко“, “Дурловски во улогата на Беренике, импресионира со впечатокот дека оваа улога е години пред нејзиното време. Нејзината изведба беше преполна истовремено со болка и јачина која беше изразена преку нејзините коларатури и сите трилери, ќе напишат музичките критичари по повод неговиот настап во операта „Беренике“ од композиторот Јомели во Државна опера во Штутгарт.
Неговиот мудар славјански тон кој е вистинско богатство за ушите на слушателите, зема замав и во повеќе оперски куќи во светот. Градејќи вокален климакс, под патронат на диригентот Пол Вајголд, 2001 година, Дурловски дебитира во улогата на Nonacourt во операта Il capello di paglia di Fireza во продукција на Виенската Камерна опера. Тогаш започнува и обликувањето на елегантната вокална техника на овој уметник во камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ.
Драматичните и лирски особености на овој бас со годините, ќе станат препознатливи и по изведбите на оперите од македонски композитори меѓу кои операта Лидија од Македонија и Цар Самоил. Во 2003 година ја добива наградата “Ѓорѓи Божиков” од Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ за најдобра изведба на композиции од македонски автори, а истата година станува лауреат на меѓународниот натпревар во Белград “Jeunesses Musicales“.
Мистериозно длабокиот резонантен глас на овој пејач, во 2004 година ќе стане дел и од новите продукции на Виенската камерна опера, Ballo delle Ingrati Euridice. Биографијата на Игор Дурловски бележи и концернти изведби на грандиозни дела како Бетовеновата Деветта симфонија, Моцартовиот Реквием, Вердиевиот и Моцартовиот Реквием, 14-та Симфонија на Шостакович, Радомировиот Псалтир на Димитрие Бужаровски, ораториумот Клименту од Властимир Николовски, Симфонијата Зима од Ристо Аврамовски и други. Забележливи се и неговите гостувања на реномираниот фестивал „Охридско лето“.
Тој е познат во оперските куќи меѓу кои: Wiener Cammeroper, Wiener Concert House, Оперската куќа во Мунстер, Националната опера и театар во Сараево, Хрватскиот Народен Театар во Загреб, Осиек и Риека, Тиранската Опера, Битолската Опера и други. Соработувал со Wienna Residence Orchestra, Источно-западниот симфониски оркестар, Белградската филхармонија, Софиската филхармонија, Ансамблот за современа музика „Алеа“.
Извесен период живееше и работеше во Германија, до 2004 година се усовршуваше кај своевремено најпознатиот светски бас Бугаринот, Николај Ѓауров, но како што самиот во една прилика ќе рече „Само дома си е дома“ и Дурловски заедно со семејството се враќа во Македонија.
-Само дома си е дома. Знам дека многумина велат дека надвор е полесно и подобро, но тоа најчесто доаѓа од луѓе што не се пробале надвор. Ние бевме одлично прифатени, со супер кариерни достигнувања, но секогаш ни недостигаше топлината што ни ја дава Македонија, ќе рече Игор во едно интервју по враќањето од Германија и Австрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.