Бујар Османи вели дека законот за јазиците што тие ултимативно им го понудиле на СДСМ, а овие неултимативно го прифатиле, бил историска работа за Албанците. Па, нормално дека е историска. Уште поисториска работа ќе биде следниот чекор во некоја ваква прилика кога ќе се подели државата. Поисториско од тоа, здравје.
Така што чекор по чекор Албанците се движат кон својата цел. Таа цел се остварува со тактиката на оние генерали од Втората светска војна кои кога брзале, а нивните единици ќе наиделе на минско поле, ги пуштале војниците да минат низ нив. Па, кој ќе преживее, ќе преживее, кој не, лесна му херојска земја. Но, нели, кога е битна крајната цел, жртвите не се бројат.
Така и овде: битно било парите да бидат двојазични, а тоа што со влада на СДСМ, како и во 1992-1998 и 2002-2006, и онака малкуте пари што сега ги има ќе станат уште помалку, за каузата на Албанците не е ни битно. Kако што не е ни битно тоа што самите Албанци очигледно се подготвени да се третираат себеси во согласност со старата класична српска филозофија од времето на Милошевиќ за луѓе на кои им се доволна „пола леб и јупа“. Оти, кога за некој месец, со овој албанско-социјалдемократски сојуз повторно ќе почнеме да ја стигнуваме невработеноста од 30 отсто, веројатно ќе биде доцна. Тогаш самите Албанци ќе констатираат дека со Македонците веќе не бива заедно зашто кој уште влегол во ЕУ со таква економска состојба.
Патем, ако јазикот на парите беше толку битен за Албанците, што не побараа од Европската централна банка еврото кое се користи на Kосово да биде и на албански јазик. Или за Kосово е битно да има што повеќе евра (иако ги нема), а за Македонија не е битно колку пари има, туку е битно тие да бидат на албански јазик.
Проблемот значи не е во двојазичноста на парите, туку во тоа што албанската кауза, на која Заев и СДСМ ~ дадоа неверојатен подарок, води кон поделба, а овде ситуацијата не е нималку како таа во Чехословачка за да може работата да се заврши мирно. Што правиме тогаш? Заев и компанијата, како и Ахмети и неговата компанија, ќе најдат сигурен бункер за себе, но што ќе прават обичниот Македонец и Албанец? А Бујар? Во НАТО и ЕУ, ако постојат дотогаш, не примаат јазици, туку држави. А опцијата што ја договоривте со Заев е: ќе нема држава ако не ни го прифатите предлогот, а ќе нема држава и ако ни го прифатите предлогот. Додуша, ова второво ДУИ не го кажува, но треба да си шутрак на Сорос, па да не го видиш тоа.
Kако и да е, Македонија влегува во нова фаза од својата федералност како држава. Овој пат прилично сериозна, со јасно поставени назнаки за тоа во кој правец оди, а правецот нема врска со заштитата на правата на заедницата која брои над 20 отсто од популацијата. Ако забележавте, тие 20 отсто веќе никој не ги споменува, туку сега станува збор за правата на една заедница независно од тоа колкав е нејзиниот процент – 25 или 15 отсто. А Рамковниот договор и амандманите од Уставот изведени од Рамковниот во својата основа го имаа процентот кој, пак, се утврдува со попис, кој СДСМ не го бара, ниту има намера да го бара. Тоа како да беше обврска само на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, неделното издание на СЈО во случајот „Центар“ само уште покажа каква катастрофа е направена со потпишувањето на договорот за оваа парауставна институција. Но, ако никој немаше храброст оваа институција да се испрати таму каде што требаше и каде што вистински се наоѓа – на другата страна од Уставот – тоа можеа да го направат самите судови и судии. Имено, тие судат врз основа на Устав и закон. Пред нив постапка може да водат само странски кои имаат легитимација за тоа. А од кој дел на Уставот СЈО црпи легитимација за да постапува пред судовите? Со други зборови, секој судија можеше слободно да одбие каков било поднесок од орган што за тоа нема овластување во Уставот ниту, пак, оттаму црпи надлежност за тоа. Бидејќи постои само еден орган кој е овластен да ги гони оние што се под сомнеж за сторен криминал. А тоа не е СЈО. И тука приказната завршува. Но, наспроти тоа, со оваа приказна изгледа допрва ќе се заморуваме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.