| четврток, 6 декември 2018 |

Темелковски: Предавниците на Македонија ќе се задушат во сопствениот измет

„Ќе одговараат за сите изминати години лажни проповеди, за лажните законици и лажната демагогија што ни ја фрлаат како мртва коска од која ние Македонците треба да ја цицаме иднината!“

Petar temelkovski (1) (Custom)

Гневот е во нас, на некој начин, а љубовта го лекува во даден момент. Од друга страна, љубовта е болест, а гневот е лек, вели бардот на македонското глумиште, мајстор на монодрамата и промотор на македонската реч, македонски патриот, бунтовник и вечен трагач по правда за Македонија, актерот Петар Темелковски, во интервју дадено пред две години за охридскиот портал Охрид24.мк. Гневот на актерот може да роди љубов повеќе за Македонија, а предавството е најголемата неправда од која се раѓа гневот, вели тој.

Така настанува гневот, како заштитен слој и заштитна полуга од она што ни се спрема и од она што ни се прави. Да не заборавме од историјата дека Гоце Делчев е ликвидиран и предаден од наши луѓе, само да не се абортира Илинденското востание. Јане Сандански е дислоциран од востанието, зашто не можеле да го предадат, Јане имаше речиси 5.000 луѓе околу него.

Тој упатува искрена и братска порака до денешните раководители да не се откажат никојпат од борбата за она што само нам ни припаѓа.

Може нема да го добиеме сето наеднаш, може никојпат нема сето да го добиеме, но сигурен сум, дека во наше време, ако се искрени европските институции во својата намера, нашиот елемент, сите соништа на нашите загинати војсководци, императори, војводи, комити и борци за слобода ќе бидат исполнети зашто духовно ќе се интегрираме.

Идејата и духовното чувство никој не може да го забрани и да го заклучи. Идејата не подлежи на удари, така вели и Достоевски, цитира Темелковски и верува дека имаме голема шанса, голема платформа, да се случи духовно обединување на целокупна Македонија.

Тој се навраќа на реплика која ја има Јане Сандански од своите дописи со Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димо Хаџи Димов: „Мачно ми е, навистина мачно ми е, предавството сè уште трае“.

До ден денешен предавството трае. Тамам ќе тргне нашата земја и ќе граби напред, ќе се јават предавници, ќе одат во Брисел, ќе ја клеветат оттаму Македонија. Тоа е, како да кажам, многу промискуирано.

Професорот на академија ни велеше: „Вредиш онолку колку што имаш душмани. Силен си колку што имаш душмани и паметен си колку што ти се умни душманите“. Излезот на тој тунел го гледам во тоа што предавството самото ќе скокне во сопствената стапица. Значи, има едни животинки што се задавуваат во сопствениот измет. Толку се лакоми во исхраната, толку се ништожни, малодушни, ситни што после од својот измет ќе се задават. Мислам дека и нашето предавство така ќе заврши. Само по себе ќе се задуши. Зашто народот сега во Македонија е многу паметен и освестен. Никој повеќе не може да го лаже на долги релации.

petar-zname

 

 

 

 

 

За него скрбта е во тоа што историјата често пати се повторува, предавството секогаш трае во поголема или помала форма. Утехата е во тоа што еден ден националниот сон ќе се оствари.

-Дел по дел, онака како што ние сме оствариле дел од сонот на генерациите од АСНОМ, тие на генерациите од Илинден и така натаму. 

Ете ние и сега одиме низ иглени уши. До половина сме влезени во иглените уши. Треба да доизлеземе. И се надевам дека ќе доизлеземе. Токму тоа го кажувам во монодрамата „Поделбите на Македонија“ и тоа е мојата порака до денешните Македонци:

„Ако сакаш да стасаш во Македонија, тргни по сонцето. Ако сакаш да ја видиш Македонија, стави го сонцето во обете очи. Ако ја сакаш, ако толку многу ја сакаш Македонија, од дното на сопствената душа, никојпат не испуштај го сонцето од око. Прескокни три виножита, проври го срцето низ иглени уши и со него закрпи ги нејзините распарчени дела“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top