Централното претседателство на ДУИ на маратонски состанок одлучува за предлогот што СДСМ го достави до ДУИ во врска со барањата на албанските партии за примена на албанската платформа донесена во Тирана. Овој состанок, на кој се одлучува дали ДУИ ќе ѝ ги даде потписите потребни за формирање влада на партијата од македонскиот блок, која изгуби на изборите, доаѓа по средбата помеѓу Али Ахмети и Зоран Заев.
Сепак, во 2008 година во пресрет на предвремените парламентарни избори, чијшто иницијатор беше токму ДУИ кога беше засегната волјата на мнозинството граѓани Албанци и постоеше можност Груевски повторно да формира влада со партијата на Мехдух Тачи како во 2006 година, Али Ахмети не само што не размислуваше дека потписите треба да ги добие партија што загубила на изборите, туку и инсистираше на коалиција меѓу победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок.
Во интервју за Радио Слободна Европа дадено во мај 2008 година, тој вели дека треба да се почитува „волјата на мнозинството граѓани Албанци во Македонија и таа волја да се одрази во претставување на интересите на Албанците при градењето на новите коалиции“.
–Јас очекувам многу нешта да се сменат и да не се повтори тоа што се случи во 2006 година. Очекувам сега да имаме еден коректен и праведен однос во правец на почитување на волјата на мнозинството граѓани Албанци во Македонија и таа волја да се одрази во претставување на интересите на Албанците при градењето на новите коалиции. Јас не прејудицирам кој ќе победи, но праведно би било волјата на мнозинството на заедницата да се почитува зашто само на таков начин ние ќе градиме одржлива политичка стабилност и нема да ни се повтори тоа што ни се случуваше во изминатите 18 месеци во Собранието на Македонија. Ако ни се случи 2006 година уште еднаш, тогаш престанува смислата зошто кај Албанците да постојат две или три политички партии или зошто тогаш Албанците да гласаат? Јас сум повеќе од сигурен дека тоа што ѝ се случи на Македонија во 2006 година нема да се повтори во иднина – вели Ахмети.
Ахмети беше оптимист дека, како и во 2006 година, ќе освојат најмногу гласови меѓу албанскиот електорат и на овие избори нема да останат без место во владата.
–Јас мислам дека тоа нема да се повтори, нема да се случи затоа што по осумнаесет месеци или по една година повторно ќе имаме предвремени парламентарни избори во Македонија. Ние не можеме да си играме со чувствата на граѓаните Албанци во Македонија. Ако уште еднаш се случи како што се случи во 2006 година, јас мислам дека тие што ќе преземат ваква погрешна одлука, не ја сакаат Македонија и тие сигурно се определени за некој друг концепт, а ние тој не го знаеме – убеден е Ахмети.
Тој потсетува дека ДУИ имала легитимитет, граѓаните, Албанците во Македонија, ѝ верувале на партијата и бараат тој легитимитет и таа волја да ја претставува и во Владата.
–Нашата понуда сѐ уште е отворена за сите работи што ги направивме, а граѓаните на Македонија позитивно ги оцениле, а за другите работи што сме ги ветувале дека ќе ги оствариме, граѓаните на Македонија се сигурни дека ние ветувањата ги исполнуваме, за разлика од другата партија која неправедно ги претставуваше Албанците во власта и која ветуваше, а ниту едно ветување не исполни. Ова не се случува и со ДУИ. ДУИ тоа што ќе го ветува, и го реализира. Тука е разликата меѓу ДПА на господинот Тачи и ДУИ – објаснува Ахмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.