ДУИ доцна попладнево му го вратила на СДСМ Предлог-законот за албанскиот јазик, но не за да го одбие предлогот туку со Предлог-нацрт закон за употреба на албанскиот јазик, објави телевизијата Алсат ТВ повикувајќи се на партиски извори.
Алсат пишува дека се дискутирало и за форматот на новиот закон за употреба на албанскиот јазик, кој треба да биде не само во согласност со Уставот, туку и во интерес на Албанците.
“Имено, се инсистира на промена на формулацијата „јазикот што го користи најмалку 20% од населението“ во насока на нејзина промена со формулација каде недвосмислено ќе биде наведено дека станува збор за албанскиот јазик. Друга важна точка е зборувањето на албанскиот јазик во институциите, а тоа да се преслика и во пишана форма. Во Собранието и покрај тоа што пратениците Албанци во моментов добиваат преводи на одредени закони, тие никогаш не се пропратени со печат и потпис како и во македонската верзија.
Во владата пак, албанскиот јазик актуелно ниту се зборува, ниту се пишува. Алсат дознава дека овие посебни забелешки покренати на синоќешниот состанокот меѓу Ахмети и Села денеска биле ставени на поширока дебата на ниво на уставни експерти, ангажирани во согласност на двете страни. Кога евентуално прашањето за албанскиот јазик двете страни во разговорите би го прифатиле, односно ДУИ и Движењето за реформи во ДПА од една и СДСМ од другата страна, тогаш ДУИ би го свикала своето раководство за да се донесе одлука околу потписите.
По оваа фаза, како што дознава Алсат, би продолжиле разговорите со СДСМ во врска со министерствата и предлог-имињата за разните владини функции.”
Денеска Ахмети изјави дека наскоро ќе има резултат и конкретен одговор за нова влада и дека во документите испратени од СДСМ до ДУИ не содржат «некакви атомски бомби“, туку дека се работи за конкретни прашања кои се однесуваат на интересите на Албанците и нивниот правен и политички статус.
„Се прават сите анализи во партијата. Ве уверувам дека документот не содржи атомска бомба. За сите детали ќе бидете информирани. Се работи за конкретни прашања за албанските интереси и ние правиме анализи. Мислам дека секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици“, изјави Ахмети.
Ахмети исто така изјави дека ДУИ нема да избрзува со одлуката, а потврди и дека синоќа за актуелните состојби разговарал и со Зијадин Села.
Во случај ДУИ да му ги даде потписите на СДСМ, тогаш партијата на СДСМ би требало да го добие мандатот, а двете страни би ги почнале уставните 20 дена за договарање на другите прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.