Роден: 14 февруари 1986 година во Скопје
Образование: Факултет за безбедност во Скопје
Професија: Активист за правата на ЛГБТ-заедницата
Додека со нетрпение очекува да седне во пратеничкото столче заработено со пролетниот молерски курс, активистот Павле Богоевски се кали како политичар. Првите чекори како политичар Павле ги прави на „Фејсбук“, преку статуси.
Така, со еден статус и повеќе „лајкови“ му го продолжи мандатот на СЈО без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, им ја оправда палатата на доскорашниот директор на Фондацијата „Отворено општество“, Владе Миличин, и на актуелната директорка Фани Каранфилова-Пановска, а неделава се најде во нашата рубрика истакнати личности на неделата со предупредувањата упатени кон Али Ахмети.
Од врвна ароганција СДСМ почна да демонстрира врвна понизност испомешана со критична доза адреналин – пред нозете на ДУИ. Со невешто затскривање на нервозата зад прашалниците, Павле во еден статус му се обраќа на Али Ахмети. Во неколкуте прашања споменува и казни и одговорност. Дрските прашања за Ахмети се само тоа – одраз на нервозата во шарените редови на „Павел Шатев“.
Непишаните политички правила велат дека сега е период на молчење за да се избегне влегување во конфликт со политички структури што се потенцијални коалициски партнери.
Затоа, нема да кажам ништо, само ќе поставам неколку прашања:
- Знае ли Али Ахмети дека со секој ден мудрување, тој своерачно ја одолжува кризата во која сите сме премногу долго?
2. Знае ли Али Ахмети дека нема политичка калкулација што ќе резултира со заштита на членовите на ДУИ од евентуален прогон од СЈО?
3. Знае ли Ахмети дека со секоја изгубена секунда, тој губи и гласови?
4. Знае ли Ахмети дека граѓаните гласаа за политичарите, конечно, да се фатат за работа и да почнат да ги решаваат реалните проблеми на граѓаните, а не да седат дома и да чекаат да видат на која страна дува ветрот во Мала Речица?
5. Знае ли Ахмети дека единствената причина што тој сега е во центарот на вниманието е дека на Македонија ѝ се ужасно потребни пратениците од ДУИ, а не дека некој верува во неговите демократски капацитети? И дека ова е период кога ТОЈ треба да моли за нова шанса, а не ние него за помош?
Доволно време загубивме. Секој нареден чекор (вклучително и чекањето) ќе има големи последици за нашата држава. Ниту Ахмети, ниту ДУИ, ниту кој било друг од нас не може да побегне од одговорноста што ќе следува – морална, политичка, но и кривична.
Секогаш е некој друг виновен, а овој пат на Ахмети му се падна да го носи крстот. Првпат во историјата судбината на Македонија ја решаваат албанските партии, па ете да не биде СДСМ, зашто никогаш не е, нека биде Ахмети. Така, од напишаното е јасно – Ахмети ќе ја носи Македонија на душа.
За едно е во право, мора да се признае – кризата трае предолго. Но, би било добро кога Павле би си ги поставил самиот на себе истите прашања. Знае ли Павле кој ја создаде, ја одржува и ја одолжува кризата? Знае ли Павле дека сината боја од неговиот шарен спектар е таа што ја зацрнува Македонија речиси три години, дека потписот на Ахмети ќе беше неважен ако СДСМ не ги избришеше црвените национални линии. Знае ли Павле дека СДСМ загуби на последните парламентарни избори токму поради антидржавните политички калкулации и инструментот за прогон исклучително на челници од власта – СЈО? Знае ли Павле дека со секоја загубена секунда расте бројот на измамени и нервозни поддржувачи на СДСМ, кои не го добија ветеното од губитникот на изборите? Знае ли Павле дека верувал тој или не во демократските капацитети на Али Ахмети, дека не е демократски да зборува за пратеници, кои како насушен леб му се потребни на СДСМ, со сточниот речник на сопартиецот Стево Пендаровски: „Дај десет и губи се“.
Павле, тој кого го молите не треба да го лутите, знаеш ли?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.