Да се биде успешна менаџерка, да се биде добра мајка, да се грижиш за себе и за домот… Многумина сакаат, но не секој може да го постигне сето тоа. Владиката Петар во една пригода рече: „Браковите, за жал, и оние што се венчале во црква, сѐ почесто се растураат. Затоа што не сакале да покажат смирение поради нивната горделивост, поради тоа што секој сака да командува заборавајќи дека глава во куќата е мажот, а жената е подвластена на мажот. Не дека ѝ се одземени правата, таа има и поголеми права од мажот. Таа има поголеми права од мажот, ѝ дава душа на куќата, но од неа зависи иднината на Македонија. Јас тврдам дека жените или ќе ја спасат или ќе ја уништат нашата македонска нација и црква…..
Постарите ќе кажат – порано се знаеше што е ред. Се знаеше дека жената треба да седи дома, да се грижи за куќата и за децата, да го пречека домаќинот со приготвено јадење. Денес работите се изместени. Мајките ги испуштаат од раце своите деца…
Дали е така? Дали жената е таа што треба да биде роб на домот, слугинка на сопругот, единствен воспитувач на децата? Што видела од животот жената што секое утро го испраќа сопругот на работа, децата на училиште, почнува да чисти, да готви, да ја средува градината, за подоцна да ги пречека дома истите оние што утрото ги испратила и да биде нивни роб?
Расте бројот на оние што го покажале спротивното – може да се биде успешна бизнисменка, менаџерка, да се гради кариера и притоа да се биде уште поуспешен родител. Па, дури и кога жената е самохрана мајка. Разговаравме со три Македонки, успешни бизнисменки, кои притоа се посветени родители и секогаш наоѓаат време за своите деца.
Баланс меѓу функционалноста и приоритетот
Наташа Дуковска, сопственичка на агенцијата за комуникација со јавноста „Навигаторс“, во триесетите години од својот живот изгледа одлично. Со насмевка на лицето, средена и расположена нѐ пречека во канцелариите во Дебар маало. Додека ги разгледувавме просториите, ни ја раскажа приказната за создавањето на „Навигаторс“, која постои на пазарот веќе шест години. Вели дека агенцијата е отворена во времето кога промоцијата беше витален дел од функционирањето на компаниите, а компетитивноста во голем дел ја диктираше сликата за производот или за услугата.
– Јас работев во таа струка и бев вљубеник во кодирањето и декодирањето на пораките што ги испраќаме во процесот на комуникација – вели таа.
Наташа е мајка на две девојчиња, Кјара и Мајра. Агенцијата е отворена пред да се роди втората ќерка.
– Самата агенција е родена меѓу раѓањето на двете деца, меѓу завршувањето на магистерските студии по бизнис администрација, реновирањето и приспособувањето на можностите и желбите, односно амбициите. Некогаш животот треба да се сфати како тобоган и не треба да стравувате, само да се пуштите. Сепак, целата суштина е во патувањето – вели Дуковска.
Таа е една од оние што сметаат дека македонската жена треба да се откаже од совршенството и да го прегрне несовршениот маникир, нештирканите алишта, да најде баланс меѓу функционалноста и приоритетот, без многу простор за жалење.
Дуковска не се согласува со мислењата дека жената е родена за да биде домаќинка.
– Биологијата на жената е навистина поразлична од таа на мажот. Таа е поделикатна и посензитивна. Едноставно е понежна, што не значи дека тоа е слабост. Нејзиниот капацитет за љубопитност е ист, можеби е уште поголем. Нејзините мускули можеби се ментални, можеби има огромен коефициент за социјална и за емотивна интелигенција. А, домаќинлакот сам по себе нема никаков предизвик, тоа е нужност што треба да го делат подеднакво сите, ама буквално сите, сосе децата – вели таа.
Свесна е дека има моменти кога им недостига на своите деца, дека сакаат минута повеќе од времето поминато со неа. Се чини дека сѐ зависи од она како вие ќе ги поставите работите и како ќе гледате на нив.
– Да му недостигате некому, тоа е убаво чувство. Мотивира, да ја забрзате работата, да најдете поквалитетно време, да станете поефикасни, да им возвратите со безусловност. Сепак, тие се на прво место – вели Дуковска.
Таа, и покрај работниот ангажман и недостигот од слободно време, главно, како што вели, за надградба, време во кое ќе ги продлабочи нештата, смета дека е подготвена за трето дете. Вели, во принцип, дека е подготвена за трето дете, но во реалност, кој знае. Таа наоѓа начин да го надополни времето кое сакала, но не била во можност, да го помине со своите деца.
– Тоа го надополнувам со квалитетно поминато време, како пикник, игра, цел ден во пижами и со неделен појадок за време на кој ги раскажуваме работите од таа недела: што било најсмешно, најглупаво, најмногу нѐ израдувало, најмногу нѐ изнервирало. Ова го украдов од еден многу реален филм, „Приказна за нас”, само што таму се случуваше секој ден.
Иако успева да најде време за сѐ, Дуковска признава дека без помошта што ја добива од најблиските, не би можела да заврши сѐ:
– Да не се залажуваме, сите имаме потреба од продолжена рака, дури некогаш не се знае кој е продолжението . Таткото, бабите, дедовците, Фросе братучетката…
На времето не гледа како на најголем непријател, туку, напротив, смета дека оската на времето е сојузник и единствено тоа може да ни овозможи да доживуваме, да паметиме, да осознаваме.
– Мислам на димензијата време во апсолутна форма, сосе поминато, сегашно и идно – завршува таа.
Семејни правила за успешно функционирање
Ели Пешева ја знаеме како една од подобрите новинарки и водителки. За неа зборувавме и кога се емитуваше првата дебатна емисија во живо на интернет преку страницата zebraonline.mk , што беше прв, пионерски чекор во интернет-телевизијата во Македонија. Токму Ели Пешева е една од авторите на таа емисија. Ја знаеме од ТВ-екраните, но ја знаеме и како „виновник“ за едни од најдобрите слатки во градот, во нејзината „О ла ла“. Ја запрашавме дали жената треба да биде домаќинка или едноставно може и треба да го исполнува својот животен сон:
– Не можеме да го бараме совршеното решение во крајностите. Сметам дека една жена, прво сама за себе, треба да биде во позиција да ја согледа вистинската слика за светот, за успехот, за пријателствата, за амбицијата, за финансиската независност, за општеството во кое живееме и ги растеме своите деца. Па, некогаш директно, некогаш суптилно да им ставиме до знаење на своите најмили дека во животот ќе среќаваат различни луѓе, дека не сите ќе бидат добронамерни кон нив, дека ќе среќаваат луѓе од различни религии, раси, нации, богати, сиромашни, геј, стрејт, дека заедно можат да сонуваат за подобар свет, но дека прво мора да бидат добри и несебични луѓе, кои ќе ги почитуваат сите, но ќе го штитат и својот личен интегритет и своите убедувања. И нема особена врска дали мајката е домаќинка или жена што работи, има кариера и амбиции.
Таа има две ќеркички. Често на нејзиниот профил на „Фејсбук“ објавува фотографии како заедно изработуваат разноразни слатки и колачиња. Токму така го надополнува, условно кажано, загубеното време, кога не била во можност да им се посвети. Често од нив добива совети за слатките, да стави повеќе чоколадо. Нивните коментари биле: „Да беше О ла ла кај тебе на работа, нонстоп ќе ти бевме во канцеларија“.
– Многу е поздраво да поминеме неколку часа во заеднички игри, карти, бадминтон, да одиме во кино или на балет, да дегустираме слатки, да шеткаме и да ги бараме најубавите балкони и дворови во градот отколку цел ден да поминеме со турски серии, вести или секој пред својот компјутер. Во суштина го имам синдромот на сите мајки што работат поинтензивно или подолги работни часови, ме гризе совеста дека не минувам доволно време со нив. Но, ја сакам својата работа, ме инспирира и ме прави среќна, а среќна и расположена мама ми се чини дека е подобро од напната – вели Пешева, која признава дека децата понекогаш ја бараат кога е во голем хаос за да ѝ кажат дека им недостига и во тој момент сакаат да бидат со неа.
Пешева, која ја знаеме како една од Македонките што внимаваат на својот стил, кои секогаш се средени и во чекор со времето, за моменти кога ја бараат нејзините деца, а таа не е во можност да им се посвети, вели:
– Најчесто изливот на емоции е поради некоја баналност што во моментот им се чини како светски проблем број 1. Но, се разбираме лесно и брзо.
Неизбежно беше да ја прашаме како наоѓа време за себе, за своите деца, за својата работа, за домот. Одговорот е семејни правила за нештата да функционираат.
– Се разбира. Имаме семејни правила, кои веќе не се ниту правила, туку начин на кој функционира нашето семејство. Викендите се заеднички, без оглед дали сме дома или не. Сите обврски, контакти и состаноци завршуваат преку ден. Бидејќи старите, традиционални обичаи на заеднички семеен ручек се невозможни во брзиот 21 век, вечерите се наши. Со домашни работи, интересни книги, убав филм, предизвикувачки игри и нови слатки колачи.
Кариера за поквалитетен живот на децата
Дина Муцунска долги години успешно го менаџира еден од најдобрите хотели во беровскиот регион, хотелот „Манастир“. Покрај успешната кариера, таа е и мајка на две деца, момче и девојче. Кога ја побаравме за да поразговараме за темава да се биде успешна бизнисменка и воедно мајка на две деца, таа беше во Берово. Иако сакавме да се видиме, моравме разговорот да го направиме преку телефон. Едноставно непланираните обврски ѝ го одложија враќањето во Скопје.
– Хотел „Манастир“ и јас, долги години заедно, а, сепак, кога ќе погледнам наназад, поминале многу брзо. Како и која било друга работа, за нешто да биде успешно, си бара посветеност со време, енергија, внимание и неизбежниот елемент за задоволство, приод со многу љубов, во ваква комбинација, веројатноста за успешна приказна е многу голема – коментира таа.
Честите патувања на релација Скопје – Берово за Дина Муцунска не претставуваат проблем. Вели дека сѐ што е во корист на бизнисот, никогаш не ѝ претставувало проблем:
– Патувањето не ми е тешкотија кога знам дека тоа е во интерес на работењето на „Манастир“, но поради тоа што живеам во Скопје, односно моите деца одат во школо и во градинка во Скопје, гледам штом ќе завршам со планираните обврски, да се вратам дома, што најчесто значи и возење во два правци во еден ден – вели таа.
Да се биде добар родител и притоа успешна менаџерка – тоа е сонот на многу жени. На Муцунска тоа ѝ успеа иако поголем дел од жените се откажуваат од едното – или од семејството или од кариерата.
– Со оглед на тоа дека сум мајка од свои 22 години, не се ни сеќавам како е да не си родител. Но, со добар план и поставување цели и приоритети, постои голема возможност и да ви успее посакуваното. Истовремено, потребно е паралелно движење на сите сегменти од кои е сочинет животот бидејќи обврските и одговорностите во него растат правопропорционално со зголемувањето на желбите за подобро и поквалитетно утре. А, доброто менаџирање на времето и правењето реални временски рамки секојдневно, мене многу ми помага за да успеам да реализирам сѐ што сум замислила и испланирала за тој ден – вели Муцунска.
Не се согласува дека за жената да има успешна кариера, не може да има време за деца. Време за деца, коментира таа, секогаш има:
– Впрочем и мојата кариера, условно кажано, е во име на мојата способност да им овозможам и обезбедам поквалитетен живот токму нив. Но, никако немојте да го разберете ова дека ја опфаќа само материјалната страна на живеењето. Односно, во грижата и подигањето на децата, за формирање здрава личност, дури и не е толку важно дали во текот на нивното растење се има материјална благосостојба, туку дали во детето е всадено чувството за љубов, поддршка и припадност, дали сте му покажале на детето со личен пример што е тоа и дали сте биле доволно добри да го научите на истото бидејќи тоа е и единствениот начин за и тоа дете кога ќе порасне да знае да ги даде и да ги прими од некого овие нешта, кои се од есенцијално значење за емотивниот развој на секое битие.
Муцунска за многумина важи за една од грижливите мајки, која успева да најде време и за себе. Секогаш средена, во добра форма, насмеана и комуникативна. Во тоа ѝ помагаат многу нејзините деца, кои, како што вели, знаат дека има многу тековни обврски, кои бараат од неа исклучителна посветеност.
– И покрај тоа што се мали, го сфаќаат сериозно мојот пристап кон работата бидејќи знаат дека таа е неопходен дел од нашиот живот, дека ни дава егзистенцијална основа, но и дека комодитетот кој го уживаат, а кој тие, пак, знаат да го почитуваат произлегува од неа. Често ми се случува да вријам во себе од работен притисок, а нив сосема смирено, со убави зборови, полни со љубов, молбени зборови да ги молам за разбирање, за уште еден-два часа посветеност на работата, не се штедам, смислувам и им ги најавувам заедничките забавни активности кои ќе следат, веднаш штом ќе завршам. Имаме многу нешта кои ги правиме заедно, уживам во тоа да сум најголемото дете во семејството, а и тие исто така. Се обидувам да им ја пренесам и својата љубов за природата, животните и физичките активности – рекреацијата, па често и се наоѓаме во такво опкружување, кое уште повеќе придонесува за нашите полни со љубов насмевки – додава таа.
Благодарна е на поддршката која ѝ ја даваат нејзините родители, без кои би ѝ било многу тешко. За својот син вели дека е веќе сериозно момче, а на неговото осамостојување работела од многу мали години.
– Тој сосема самостојно, без никаква проверка си ги завршува школските обврски и задолженија и тоа со одлични резултати, на што сум особено горда, не би ни можела да замислам со мојот обем на обврски да треба да поминувам време во учење со него, но, секако, ова е резултат на напорна наша заедничка работа, која бараше многу трпеливост и настојчивост од мене во текот на нејзиното воспоставување. Тој процес ќе ме очекува во наредните две-три години со ќерката, која од септември ќе тргне во прво одделение, па и со неа ќе ги учиме вештините на одговорност и исполнителност кон своите обврски и задачи во однос на училиштето – вели таа, а на прашањето дали нејзините деца се гледаат во семејниот бизнис, таа одговара:
– Си ја сакам својата работа, „Манастир“ е приказна за љубов, тој им е втор дом на моите деца, но за да можеш да го работиш овој бизнис, навистина треба специфично профилирање на личноста. Така што, ќе видиме што ќе ни донесе иднината, би сакала да имам семеен наследник во работата, но никако ни би ја наметнувала својата желба, ќе ги оставам да ги направат сами своите избори за себе, како што и јас бев поттикнувана од своите родители. Но, интересно е како и тие активно живеат со „Манастир“. Често добивам коментари од гостите и од посетителите дека односот на моите деца кон нив бил со доза „професионална учтивост“, веројатно тоа природно се наметнало, инаку се и креативни и досетливи, но и критично размислуваат, а и сето тоа е неминовно поради тоа што „Манастир“ е составен дел од сите нас, тој е дел од семејната приказна и среќа.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ако сте родиле машко бебе имате поголема шасна да страдате од постпородилна депресија
-
Митровски: Државата овозможува мултимилионски бизнис со канабис, а граѓаните ги гони како криминалци
-
Мајка уапсена откако го истетовира 10-годишниот син (ВИДЕО)
-
Работното време ѝ поминува на гробишта: Македонка со успешна бизнис-приказна