Во 6 часот утринава, со спектакуларниот настап на легендарниот Пол Ван Дајк, заврши првото издание на Аква Парк Фест. За два дена низ аква паркот во Пробиштип промаршираа повеќе од 15 000 насмеани млади луѓе, кои на двете бини на фестивалот ги проследија омилените артисти, се забавуваа во аква паркот, создадоа одлична атмосфера со екстравагантниот фестивалски изглед , се спуштаа по тобогани и уживаа во чил-корнерот и кампот. Последната ноќ секако ја одбележа трииполчасовниот настап на еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската денс музика Пол Ван Дајк, кој директно од Ибица дојде на Аква Парк Фест, на еден од неговите ретки настапи во Европа оваа сезона.
Главната фестивалска бина вчера имаше чест да го претстави и исклучително енергичниот и бунтовен настап на пост-панк бендот „Бернајс Пропаганда“ веднаш по нивната деветнеделна европска турнеја. Уникатните „Фолтин“ уште еднаш покажаа зошто нивниот препознатлив музички израз е омилен кај публиката, додека пак енергичниот звук на хардкор легендите „Смат“ буквално ја затресе главната бина. Посебно концертно уживање беа неверојатниот музички талент кои на сцената го донесе Сашко Костов и настапот на „Фулиш Грин“ кои кратко по објавувањето на првиот албум „Ескејп“ веќе имаат бројна публика, зависна од песните на ова ретко психоделик поп / рокенрол издание.
Незаборавна вечер на Аква Парк Фест беше и петокот, со маестралниот концерт на Кирил Џајковски кој ја круниса главната бина таа вечер. Одлична журка беше двочасовниот сет на светската диџеј ѕвезда Марк Најт, пред масовната публика која потоа го дочека првото изгрејсонце на Аква Парк Фест со холандската денс-атракција Санери Џејмс и Рајан Марчијано. Всушност, вистинската еуфорија таа вечер започна со Суперхикс кои неверојатно е како успеваат секој пат да го надминат врвот на концертната фешта, додека регионалните миленици С.А.Р.С. се чини имаа еден од најдобрите концерти кои ги одржале до сега кај нас.
Фотографиите кои ја документираа незаборавната журка во изминативе два дена можете да ги видите на профилот на Аква парк на Фејсбук, кој исто така е и место за вашите импресии, мисли и искуства од Аква Парк Фест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.