| четврток, 6 декември 2018 |

Пол ван Дајк ќе го затвори „Аквапарк-фест“

Легендарниот диџеј и продуцент Пол ван Дајк, човекот кој светски реномираниот „Диџеј магазин“ двапати го прогласи за број еден меѓу стоте најдобри диџеи на светот, ќе го затвори првото издание на „Аквапарк-фест“. Еден од првите суперстар диџеи, денес е еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската музика со шест студиски албуми продадени во повеќе од 4,5 милиони примероци. На „Аквапарк-фест“ ќе ја претстави чудесната мултижанровска подиумска музика, а на таа единствена аудиовечер Пол ван Дајк ќе приреди спектакуларно затворање на фестивалот.

 

Пол ван Дајк почна како транс диџеј, но денес својот жанр едноставно го дефинира како електронска денс музика. Овој исклучително талентиран музичар, но и борец против сиромаштијата и истакнат активист, е присутен на сцената повеќе од 20 години, во кои постигна небројни успеси. Од 1999 година, па наваму речиси секоја година добива награди за најдобар албум, сигнл, диџеј, продуцент итн. Неговиот албум од 2004 година, „Reflections“, беше првиот номиниран албум во новововедената категорија на наградите „Греми“ за најдобар денс/електронски албум.  Познат е и по соработките со бројни светски ѕвезди, како „Депеш мод“, Бритни Спирс, Дејвид Брн, Мадона, „Ју-ту“ и Џастин Тимберлејк, а секогаш ќе остане запаметен неговиот настап за новогодишната вечер во 2009 година кога неговиот фуриозен сет го проследија повеќе од милион луѓе во Рио де Жанеиро.

По албумот од 2007 година „In Between“, кој според сите диџејски листи беше рангиран на првото место, Пол ван Дајк во 2012 година приреди амбициозно враќање со новиот албум „Evolution“, кој, како што најавуваше и самиот наслов, донесе нови промени во денс-културата и вистинска еволуција во поглед на самата електронска музичка сцена. Во ова извонредно издание ќе имаме прилика да уживаме и на „Аквапарк-фест“, кој е посебен и по фактот дека од годинашната турнеја на овој артист, „Аквапарк-фест“ е една од само трите европски дестинации досега.

„Аквапарк-фест“, како првото издание на петнаесетгодишниот „Таксират“ на отворено, кое ќе се одржи на 24 и на 25 мај, ќе го претстави и концертот на Сашко Костов & TWW. Талентираниот Сашко Костов е искусен музичар кој доаѓа од Велес. Тој минатата година го издаде албумот „Silent in the Crowd“, кој доби одлични критики не само во државава туку и надвор. Промоцијата на албумот ја надополни со едномесечна турнеја низ цела Европа, каде што наиде на повеќе од позитивни реакции.

 

 

Покрај Пол ван Дајк и Сашко Костов, од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс-сцена, Марк Најт, британски диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години, и холандската денс-атракција Санери Џејмс и Рајан Марчијано, но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – Кирил Џајковски, кој на „Аквапарк-фест“ ќе настапи во придружба на извонредните „ТК Вондер“ и „Гето Прист“. Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС – групата која и официјално го освои признанието за најдобар одржан концерт во 2012 година; ФОЛТИН и нивниот единствен препознатлив звук кој стана омилен на публиката; ужасно ангажаниратите БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА кои веднаш по два и пол месечната турнеја низ Европа ќе атерираат во Пробиштип на еден од ретките нивни настапи во државава; хардкор легендите СМАТ ќе го донесат тврдиот звук; извонредно инвентивните и атрактивни ФУЛИШ ГРИН, еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективот КОНКВЕРИНГ ЛАЈОН; како и регионаните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Ве потсетуваме дека веќе е во тек и претпродажбата на „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

• фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

•  еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top