До крајот на 2017 или почетокот на идната година ќе започне изградбата на новиот современ театар во Охрид, најави директорот на Центарот за култура, Горан Стојаноски.
– Новиот објект подразбира и нова традиција и достоинство за самите посетители кои ќе доаѓаат да ги проследат театарските претстави во нови простории опремени според највисоки стандарди, смета првиот човек на националната институција.Новата зграда ќе биде на 4 ката, а театарските работници на располагање ќе имаат најсовремена опрема.
Интересот на охриѓани за театарските претстави е голем. Минатата година биле изведени 7 премиери, 168 претстави, кои биле проследени од над 5400 вљубеници во театарот.
Стојаноски информира и околу одобрените проекти за 2017 од страна на министерството за култура. Во текот на 2017 ќе бидат изведени претставите „Аналфабет“ од Бранислав Нушиќ во режија на Ѓорѓи Ризески и „ Бал“ од Бертолд Брехт во режија на Андреј Цветаноски. Крајот на март предвидена е премиера на детска претстава, а уште една премиера се очекува на крајот од месец мај. На задоволство на помладата публика на крајот на годината премиерно ќе биде изведена уште една детска претстава.
И годинава од страна на надлежното министерство одобрени се средства за Балканскиот фестивал, Староградските средби, Прличевите беседи, хорските и фолклорни активности во рамки на Центарот за култура. Во февруари ќе започне со работа и детското-младинско драмско студио.
извор: охридњуз
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.