Нерасчистените улици и тротоари во Куманово денеска ја зедоа првата жртва. 74-годишниот Сефедин Ибрахими се лизнал на мразот, паднал и загинал на лице место. Неговото безживотно тело час и половина лежело на мразот, додека полицијата вршела истрага. На местото на настанот пристигнала и медицинска екипа, која само ја констатирала неговата смрт. Семејството е револтирано поради незаинтересираноста на локалните власти за расчистување на улиците и тротоарите, пишува Алсат М.
-Апелирам до градоначалникот да се преземат итни мерки за расчистување на улиците бидејќи луѓето ни умираат одејќи. Каде има можност нека се чисти, улиците, тротоарите. Жал ми е, денеска почина чичко ми, а утре тоа може да биде некој друг. Како што гледате нема помош, не се чисти мразот. Секој може да се лизне и млади и стари. Уште еднаш апелирам до градоначалникот да го земе предвид овој случај, бидејќи чичко ни почина поради тоа што улиците и тротоарите не беа исчистени од мразот и снегот, изјавува Ќахил Ибрахими, роднина на жртвата
Жителите на Куманово веќе долго време се жалеа на катастрофалната состојба во која се наоѓаат улиците.
-Не сме задоволни од чистењето на улиците. Сè уште има снег. Општинските власти треба повеќе да работат. Еве и тука пред поштата има мраз и луѓето се лизгаат.“
-Чистењето на снегот треба да биде приоритет. Општината ù припаѓа на една фамилија, ама нашата општина е многу слаба. Сигурен сум дека парите кои биле наменети за чистење биле потрошени за нешто друго, велат жителите на Куманово, пренесува Алсат М.
Од општината денеска не сакаа да го коментираат загинувањето на Сефедин. Ќе ја чекале истрагата. Во писмено соопштение од локалната власт тврдат дека ги преземале сите мерки за чистење на улиците за кои имале надлежности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.