Унгарија и Македонија имаат одлични односи, а на аспирациите на Македонија – на политичките и на економските, како и на научните гледаме со голема симпатија и силно ги поддржуваме, изјави денеска во Скопје Иштван Иѓарто, државен министер за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија.
– Иако сме на некој начин далеку едни од други што прави да не биде лесно одржувањето на релациите меѓу двете земји, секогаш гледаме на аспирациите на Македонија – на политичките и на економските, како и на научните со голема симпатија и силно ги поддржуваме. Сметам дека генерално односите меѓу двете земји се одлични, рече Иѓарто, кој присуствуваше на именување на Библиотеката во Универзитетот „Американ колеџ“ по нивниот прв ректор, професорот Гашпар Биро од Унгарија.
Во однос на соработката во областа на културата и науката тој истакна дека активностите се одвиваат преку претставниците на унгарската амбасада во земјава. Изрази особено задоволство што има се повеќе почесни конзули кои на добороволна основа ја презентираат Унгарија во Македонија, што придонесува, вели, унгарската култура, јазик и воопшто односите, да допрат и во повеќе места надвор од главниот град во земјава.
– Унгарската амбасада финансиски го поддржува одржувањето изложби, концерти и други активности чија цел е ширење на унгарската култура. Секако ние сме дел од многу проекти кои помагаат за презентација на македонската култура во Унгарија, за запознавање со традициите и обичаите на македонскиот народ. Како и да е, неможеме да кажеме дека сме постигнале се, но постои инфраструктура која ќе овозможи натамошен развој на културната и научната соработка меѓу двете земји во годините пред нас, оценува унгарскиот дипломат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.