Години наназад кога сакате да ги слушнете или прочитате ставовите на СДСМ, вели аналитичарот Александар Пандов, проверено најточните информации ги имаат нивните Соросови платеници, Фрчковски, Геровски, Тричковски и Ордановски.
Пандов: Многу често, посочениве ликови се и креатори на политиката на СДСМ. Чисто за потсетување дека многу порано пред да го промовира швајцарскиот кантонален модел, Геровски промовираше федерализација, а Фрчковски нудеше премиерско место по клуч на Албанец. Оттука, јасни се ставовите на СДСМ околу сеалбанската платформа и покрај тоа што откако таа се појави во јавност, СДСМ го снема од јавност. Повторно тука се нивните медиумски мегафони, кои не што не виделе точка која не би можеле да ја исполнат и договорат, туку целата таа платформа им била и мала рамка, па истата и би ја доградиле. Повторно и повторно пред очи на целата македонска јавност гледаме како овие изроди лицитираат и се наддаваат со македонските национални интереси. Во целиот циркус создаден од Заевата понуда за официјализирање на албанскиот јазик како втор службен на ниво на цела Македонија и федерализацијата на државата, па преку зголемувањето на влогот на албанските политички партии со платформата и барањето за промена на името, знамето и химната на државата и прифаќање на сето тоа од нивната Соросова медиумска коњаница, верувам дека, сепак, последниот влог е оставен за нивниот лидер Зоран Заев. Во остварување на неговата желба за доаѓање на власт повеќе пати ни докажа дека не постојат лимити и ограничувања, не постојат државен и национален интерес. Постои само личен и партиски. Затоа е за очекување дека кога, конечно, Заев ќе се изјасни за платформата сеалбанска, целата македонска, а и сеалбанска јавност ќе биде изненадена од понудата на Заев.
На иста линија е и колумнистот Сотир Костов, кој јавно праша зошто молчи Заев. Го потсети и дека политичар што молчи, а не дејствува во судбоносни моменти, не може ни да води модерна политика ниту да зборува за демократија.
Костов: Kаде си ти? Чекаш молчешкум да добиеш шанса да бидеш мандатар, премиер и државник што ќе ја води Македонија? Тешко на политиката и на демократијата со тебе, кој едноставно не ги одбира, не му сече главата. Потешко на сдсмовците со тебе, со лидер што се крие. Најтешко на сите нас со „државник“ како тебе, кој не знае кога треба да го крене гласот за Македонија. Зоране Заев, јави се!
И новинарот Дарко Јаневски потврди дека работите полека се склопуваат. Така, од една страна го имаме СДСМ, кој со двојазичноста го отвори патот за платформата, од друга страна Грците, кои велат дека веќе ни упатиле предлози за промена на името, од трета страна Србите, кои преку Дачиќ ни се заканија дека едвај чекале да дојде на дневен ред некое прашање од наш интерес.
Јаневски: И го имаме Бушати, кој ни дообјасни дека во таа држава со ново име, кое Грците великодушно ни даваат да си го избереме од нивните предлози, ново име ќе има и мнозинскиот народ. И пак доаѓаме до платформата во која се вели дека итно треба да се реши спорот за името за да влеземе во НАТО и во ЕУ. Во спротивно… се знае. Е, сега, додајте го кон ова и оној кодош од Британија кој бил политички комесар во британската амбасада во РМ, Тимоти Лес, кој бара поделба на нашата држава и целиот мозаик е склопен. Се разбира, потсетете се и на сѐ што беше направено во овие две и пол години (и кој сѐ учествуваше во тоа) за да се спушти мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот од 63 пратеници на сегашните 51 и сѐ си доаѓа на своето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.