| четврток, 6 декември 2018 |

Ел Чапо ќе робува во „Алкатраз во Карпестите Планини“

Мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман – Ел Чапо, кој е познат по бројните бегства од затвор, би можел да го помине остатокот од животот во еден од најобезбедуваните затвори во САД, доколку биде осуден од судот во Бруклин, пишува „Ројтерс“.

Ел Чапо е обвинет за водење на една од најголемите светски мрежи за трговија на дрога во текот на криминалната кариера долга неколку децении, која ја одбележаа и убиствата на неговите ривали.

Поранешниот водач на озлогласениот картел „Синалоа“ ќе добие доживотна затворска казна, ако биде осуден. Во тој случај, се очекува Ел Чапо да биде пратен во затворот „Еј-Ди-Екс Флоренс“ во Колорадо, познат и како „Супермакс“ или „Алкатраз во Карпестите Планини“.

Во оваа казнена установа, отворена во 1994 година, има преку 400 од најопасните затвореници во САД. Тие се сместени поединечно во ќелии, во кои поминуваат 23 часа дневно, со што безмалку немаат контакт со надворешниот свет. На тој начин се оневозможува нивно бегство, како и нивното влијание надвор од затворот.

Меѓу најпознатите затвореници на казнената установа со максимално обезбедување се, Рамзи Јусеф, организаторот на бомбашкиот напад на Светскиот трговски центар во 1993 година и бомбашот од Бостонскиот маратон Џохар Царнаев.

Властите во САД ја кријат локацијата на која се наоѓа Гузман во пресрет на судењето, како и затворот во кој евентуално ќе биде пратен на издржување на казната, поради безбедносни причини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top