Во рамките од третото коло на Светското ракометно првенство во Франција македонската репрезентација денеска во терминот од 17.45 часот ќе го игра мечот против Словенија. Евентуална победа на избраниците на селекторот Лино Червар против четвртата репрезентација од Олимписките игри во Рио ќе значи и сигурен пласман во осминафиналето и ќе ги реши сите дилеми околу избегнување на четвртото место во групата Б.
Двете репрезентации со огромен респект зборуваат за противникот, а фаворитската улога им се префла на „змајчеки“ бидејќи имаат континуитет и успех на големите натпреварувања.
Ова е посебен меч за нашите ракометари бидејќи Словенија е стар должник бидејќи пред две години на Светското првенство во Катар излезе како победник и се пласираше во четврт-финалето.
Посебен и емотивен меч ќе биде и за двајцата селектори, Лино Червар и Веселин Вујовиќ, бидејќи по епските дуели во домашниот шампионат меѓу Металург и Вардар ова ќе биде нивна нова битка. И двајцата на овој шампионат настапуваат со подмладени репрезентации, со што се дава можност на многу млади играчи да ги покажат своите квалитети.
Словенија е во предност бидејќи речиси целиот состав настапува во големи европски клубови, за разлика од нашите ракометари кои поголем дел доаѓаат од домашниот шампионат.
Селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ, точно знае од каде доаѓа најголемата опасност за неговата репрезентација и со суперлативи зборува за квалитетите на Лазаров, Миркуловски, Манасков, Стоилов…
Резултатот и исходот од овој меч е голем императив за двете селекции и во Мец, каде што и двете екипи ќе имаат голема подршка од навивачите, се очекува љубителите на ракометот да проследат една голема борба на двете страни, фер игра, а на крај нека се радува победникот.
Во случај на пораз, Македонија нема да загуби ништо бидејќи има уште два меча до крајот на групната фаза, против Шпанија и Исланд во последното коло.
Големо значење на овој натпревар меѓу Македонија и Словенија му дава и Светската ракометна репрезентација бидејќи делегираше судиска двојка од Германија, која има огромно искуство како во домашната Бундеслига, така и на меѓународна сцена.
Германците Гајпел и Хелбиг ќе бидат делители на правдата и македонската јавност воопшто не треба да се сомнева во квалитетот на судењето и во објективноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.