Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ѝ стави крај на црната серија во АБА-лигата. „Штрковите“ на домашен терен славеа над аутсајдерот Задар (92-65) и конечно донесоа радост по пет последователни порази во регионалното натпреварување.
„Металците“ имаа одлична шутерска ноќ за два и заслужено дојдоа до победата. Домаќинот беше надмоќен во рекетот, го натскока противникот, посебно во дефанзивата, а исто така, имаше и клучни тројки на Симоновски и Кларк, кога беше најпотребно. Со овој триумф МЗТ барем за момент „избега“ од дното и фенерот на табелата го предаде на словенечка Крка, која во ова коло игра со моќната Црвена Звезда.
Задар беше конкурентен само на стартот, кога на семафорот стоеше 15-10. Потоа, следеа грешки во нападите и неколку загубени топки кои МЗТ ги искористи и најпрво поведе со 20-13, а потоа, дојде и до првото двоцифрено водство од 30-19. Серијата од 6-0 го „скрши“ резултатскиот отпор, а лидери во нападите беа Дреновац, Клоф и Лалиќ кои лесно влегоа во ритам и ги скршија Хрватите. На полувреме „металците“ ја задржаа високата предност (47-38), а со мини-серија на старот на третиот период, МЗТ дојде и до водство од 68-53.
Во продолжението проработе и шутот за три, па преку Симоновски и Кларк, МЗТ дојде и до високи 74-53. На три минути пред крајот избраниците на Назор ја држеа високата предност од дваесет поени (82-62), додека во последните минути од натпреварот МЗТ Скопје не престана со доминацијата, па дојде до убедлив триумф од 27 поени (92-65).
Најефикасни кошаркари во победничкиот табор се Џош Скот и Ѓорѓе Дреновац со по 18 постигнати поени, а го следи Симоновски со 17 поени, како и Шарлон Клоф со 14 и Јуре Лалиќ со 12 поени. Кај Задар, најмногу се истакна Владовиќ со 18 поени, додека поранешниот „штрк“ Иван Маринковиќ постигна 12 поени.
Во наредното коло македонскиот првак го игра „градското дерби“ со вториот наш претставник во АБА-лигата, Карпош Соколи. Мечот се игра на 20 јануари, во СЦ „Борис Трајковски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.