Вчера нашите ракометари одлично го започнаа Светското првенство во Франција со победа над репрезентацијата на Тунис од 34-30. Утре македонските ракометари ќе го одиграат вториот натпревар против тимот на Ангола, а кратко пред да тргнат на мундијалот „Република“ разговараше со селекторот Червар, кој говореше за подготовките, подмладувањето на тимот и за очекувањата од турнирот.
Како минаа подготовките, колку сте задоволни од тоа што го покажаа ракометарите и дали некој Ве изненади позитивно или негативно?
ЧЕРВАР: Задоволен сум од тоа како се одвиваа подготовките. Многу напорно работевме, некогаш можеби и со превисоко темпо, но играчите никогаш не се повлекоа, ниту се пожалија. Морам да признаам дека и малку ме изненадија, секако позитивно, и машки издржаа. Треба да се плати цената, тоа е мојот одговор за подготовките. Одиш во ресторан, добро ќе се најадеш и на крај ќе ја платиш сметката. За да дојдеш до успех во спортот, прво треба да се плати цената, па дури потоа да се чекаат резултати. Тоа е работата, подготовките, и физички и ментални. Колку е амбицијата поголема, толку поголема цена мора да платиш. Ако тие во некој момент ми се жалеле, јас им велев дека ако одиме во Франција да се шетаме и да уживаме, тоа е друга работа, но ако мислиме да одиме за борба, за силни натпревари помеѓу две држави, тогаш мора да работиме.
Иако сите тренери велат дека треба да се концентрираме на нашата игра, сигурно веќе ги имате анализирано противниците од групата. Како ги оценувате шансите на Македонија на овој мундијал?
ЧЕРВАР: Мора да сфатиме дека сега влегуваме во еден нов циклус и еден добар тим не се гради за еден месец или со едни подготовки. Тоа е заблуда. Не сум од оние тренери што ветуваат сѐ и сешто и на крајот разочараат. Јас сакам да бидам искрен и затоа ќе кажам дека секогаш сум гладен за успех, иако по седум години повторно се појавувам со репрезентација.
Свесен сум дека не сме Франција или некоја ракометна велесила, но знам дека Македонците многу го сакаат ракометот. Македонија, можеби, е единствената земја каде што ракометот е омилен спорт. Сега, како една од најмладите репрезентации, она што би сакал пред сѐ е да ги направиме гледачите во Македонија задоволни со нашиот настап. Без разлика дали ќе победиме или загубиме, би сакал гледачите да бидат задоволни ако нашите играчи како вистински Македонци се борат и даваат сѐ од себе, да не се предаваат пред време. Тоа мислам дека сите Македонци сакаат да го видат. Да бидат горди со ракометарите што ќе играат во националниот дрес.
Што мислите дека е неопходно и што барате од ракометарите за да имаат добар настап и да остварат успех во Франција?
ЧЕРВАР: Јас чувствувам голема одговорност и мислам дека и играчите треба да го чувствуваат истото. Чест и привилегија е да се носи македонскиот дрес и да се претставуваат сите граѓаните на Македонија. Ако не го оставиме срцето на терен, нема да има резултат. Сѐ уште не сум прочитал дека некој со прошетка и без борба успеал да стигне до врвот. Тоа никогаш не сум го слушнал.
Работам на тоа на теренот да изгледаме како македонски тим. Кога еден играч е дел од македонската репрезентација, на прво место е државата, тимот, а потоа тој како играч. Тој престанува да биде индивидуалец и на прво место ја става екипата.
Не би сакал да ги оптоварувам со резултат иако знам дека сите луѓе го бараат тоа, но мислам дека тоа не би било мудро. Ако тие дадат сѐ од себе на теренот и изгледаат компактно како тим, јас ќе бидам задоволен. Тоа е најважно.
Го нагласувате тимскиот дух како важен фактор за успех. Каква е атмосферата во тимот сега?
ЧЕРВАР: Позитивна, меѓутоа колективниот дух секогаш може да се подобрува. Играчите се хомогенизираат кога е потешко, а сега е тешко. Нозете се тврди, некои се изморени од сезоната, се подготвуваме за пат. Првиот противник е Тунис, а знаеме дека имавме непријатно искуство со нив, и тоа се ситуациите во кои играчите би требало да се солидаризираат еден со друг и да бидат посилни како тим. Тимот е силен колку што е силна неговата најслаба алка.
Неколку пати спомнавте дека нема премногу играчи на располагање за избор на тимот. На која позиција би сакале да имате поголем избор?
ЧЕРВАР: Секоја наша победа е важна на меѓународен план затоа што ние мораме да бидеме свесни дека имаме два милиона луѓе, па со тоа сигурно дека имаме многу помалку играчи од една Франција, Полска и од другите велесили. Ние мора да признаеме дека имаме тешкотии во изборот и дека селекцијата секогаш е подобра кога има поголем избор. Колку е помала толку повеќе треба да се бориш и да управуваш со она што го имаш.
Мислам дека сме малку дефицитарни на позицијата десен бек. Всушност, во светот и онака има многу малку левучари, но кај нас изгледа како да ги има уште помалку. Така што чекаме Велковски малку да порасне и да имаме на таа позиција опција пулс затоа што Кире е Кире, тој е незаменлив, но еден ден и тој нема да игра. Можеби ќе биде тренер или нешто друго, секако има уште натпревари пред него, но мора полека да бараме играчи. Јас, сепак, сум оптимист и морам да кажам дека следиме неколку левучари во Македонија и сигурно ќе им обрнеме уште поголемо внимание на тие што веќе се впишани во нашиот попис на играчи.
Изминатите месеци како една од опциите за засилување на репрезентацијата се спомнуваше натурализирање странски играч. Кои квалитети би ги барале во еден играч доколку се одлучите за таков потег?
ЧЕРВАР: Прво мора да сметаме на нашите играчи, но квалитетен човек и квалитетен играч е секогаш во мода. Една индивидуа и да не се занимава со спорт, ако е квалитетна и добра во својата работа, секогаш е плус. Но, пред сѐ, треба да ги почитува сите македонски граѓани, како и сите малцинства што живеат тука.
Мислам дека кога би се одлучиле за таков потег, тоа би било еден до два играчи максимум, но да се млади за да можеме да ги користиме повеќе години. Не би било доволно да одигра само неколку натпревари за нас. Затоа треба да се анализира каков е играчот и кои се неговите квалитети, како што работат скаутите, на пример, во НБА, но и во други спортови низ светот. Тие го следат човекот и го проценуваат неговото однесување не само на теренот, туку и надвор од него. Би требало тој да биде пример за младите, но и играч што ќе даде нешто повеќе, квалитет плус, со што ќе им помогне и на соиграчите и на нашите млади играчи.
Подмладувањето на репрезентацијата е нешто на што веќе се работи, а добар дел од помладите ракометари со кои работите во Металург Ве посочија како еден од клучните фактори за нивниот развој. Колкав е нивниот потенцијал и дали во иднина може да бидат носители на играта на македонската репрезентација?
ЧЕРВАР: Будно следам сѐ што се случува во ракометот во Македонија, како и во помладите категории, а сум тренер и на Металург. Во овој момент во Лигата на шампиони Металург е најмладата екипа во Европа, а младинците се пласираа на мундијалот во Алжир. Мислам дека тоа е најдобар доказ дека сме работеле во вистински правец. Тоа беше планот од самиот почеток кога дојдов во клубот, повеќе да работиме со нашите деца и повеќе да веруваме во нив.
Во репрезентацијата влегоа на голема врата Талески и Неловски, а чукаат на вратата и Велковски и Томовски, значи ние сега го одиме тој пат. Морам да кажам дека Металург ги поттикна и другите клубови да работат повеќе на младите играчи, што ми е особено драго.
Будно ги следите младите ракометари во домашното првенство, а со Металург гостувате кај сите тимови во земјава. Какво е Вашето мислење за состојбата во македонскиот ракомет?
ЧЕРВАР: Јас ниту еден клуб не го чувствувам како противник во Македонија, ги чувствувам како наши. Имам почит кон брендот Вардар, тука и е Работник, кој почнува да работи поактивно, Охрид исто така, и задоволство ми е што го гледам тоа.
Добро е тоа што сите со својата програма целиме кон тоа македонскиот ракомет да биде што подобар. Ние сме премала земја за да се двоиме и мислам дека спортот праќа порака, дури и политичка, затоа што спортот има една привилегија која ја нема никој друг. Тој ја развива заедницата и поттикнува соработка меѓу луѓето. Што е најважно, не прави разлика меѓу луѓето, не ги дели луѓето, а токму тоа е потребно да ги учиме младите.
Во едно Ваше интервју спомнавте дека неодамна сте биле во Исланд, каде што сте се запознале со нивниот систем на спортски академии и развивање млади спортисти. Мислите ли дека на некој начин можеме да го пресликаме нивниот успех на ЕП во фудбал и да оствариме резултат во Франција?
ЧЕРВАР: Од секој тим треба да се земе нешто, од секого може да се научи нешто. Добриот тренер секогаш гледа да научи нешто, се обидува да ги земе најдобрите работи од секаде од каде што може. Мислам дека мораме да ги земеме квалитетните работи, но, сепак, во нашата игра да се види и нешто македонско, мора да има еден македонски печат.
За во иднина да бидеме уште подобри, би сакал да истакнам дека е важно да ни се пружат услови за работа. Екипата што го држи приматот во развојот на ракометот во Македонија, Металург, работи во катастрофални услови. Никој не ни пружил рака за да ни помогне. Не бараме ние не знам што. Јас морам да се борам за нашите таленти и не обвинувам никого, туку само барам помош и да ни се даде можност да работиме во соодветни услови затоа што има многу младинци од кои може да се направат добри ракометари. И не само тоа, би сакал да имаме подобри услови за да не ги учиме само ракометни вештини. Тоа не е доволно за да направиме голем играч. Мора да ги подучуваме децата и пред тренингот.
Со свои очи во Европа сум видел примери во кои во салата каде што тренираат играчите имаат четири училници и пред тренингот имаат часови, без разлика што истото го прават и на училиште. Таму доаѓа квалитетен професор кој ги учи разни предмети. Значи, ние треба да ги развиеме тие деца не само да бидат добри играчи, туку и квалитетни личности. Не е доволно да им фрлиме една топка и да викаме по нив, и толку. Мора да се анализираат со нив разни теми, нешто што јас веќе го правам, и да се извлече една поука, да се развијат кај нив добрината и почитувањето.
(Интервјуто е објавено во 228. број на неделникот Република, 13.01.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.