Македонските новинари ги гледаат како потенцијална опасност за туниската репрезентација во Мец. Дел од нашите новинари се сместени во ист хотел каде што се и селекциите на Исланд и Тунис. Ако Исланѓаните воопшто немаат никаков проблем, експедицијата од Тунис има посебни барања.
Африканците кои се денешни противници на Македонија, во првото коло од Мундијалот побарале на спратот на кој се сместени, да нема ниту еден македонски новинар. Затоа и дел од новинарите кои имаа соба на истиот спрат беа принудени да се „преселат“ во соба на друг спрат.
Од хотелот објаснуваат дека таа одлука за преселба била поради безбедносни причини.
– Тунис не сака на истиот кат со нив да има македонски новинари, ниту други членови од Вашиот тим. Реагираа до хотелската управа, а доколку не ве преселиме во друга соба, тогаш и официјално ќе се жалат во ИХФ – е објаснувањето на хотелскиот менаџер.
Инаку македонската репрезентација и селекцијата на Ангола се сместени дваесетина километри од Мец, додека другите четири репрезентации се во хотели во центарот на градот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.