| четврток, 6 декември 2018 |

Лина Ѓорческа: Пресреќна сум, никогаш не сум имала толку навивачи на еден меч

lina gjorceska

Лина Ѓорческа утринава со настапот во првото квалификациско коло на Австралија Опен испиша историја за македонскиот тенис и спортот воопшто бидејќи е првата од нашата држава што настапи на овој грен-слем. Таа не само што го запиша првиот настап туку и ја забележа првата победа која со златни букви ќе биде испишана во спортската историја.

По триумфот над Американката Саша Викери во 1. квалификациско коло на Австралија опен, Лина не го криеше задоволството од победата, потенцирајќи дека огромна заслуга за тоа имаат и македонските навивачи од Австралија кои ја изненадија со своето присуство, сервирајќи и максимална поддршка за време на целиот меч…

– Навистина сум пресреќна што стигнав до првата своја победа на еден Грандслем турнир. Горда сум на овој триумф, но ништо од тоа нема да беше возможно без поддршката која ја имав од трибините. Никогаш досега во мојата кариера сум немала таква поддршка. Јас знам дека во Австралија има многу Македонци, но искрено не знаев дека ќе дојдат да ме гледаат и поддржат. Бев изненадена. Без нивна помош немаше да успеам. Се надевам дека истата ќе ја имам и утре, па со Господ напред до нов триумф – рече Ѓорческа веднаш по мечот со Викери, осврнувајќи се притоа и на самиот натпревар.

– Не знаев многу за противничката. Мојот тренер гледаше нејзини натпревари како би се подготвиле, но јас не сакам да се оптоварувам со тоа туку единствено се концентрирам на мојата игра. Така ќе биде сега и за следниот натпревар утре против унгарската тенисерка. Ме чекаат уште два квалификациски кола да дојдам до главниот турнир, но размислувам само меч по меч – истакна Лина Ѓорческа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top